Македонија
Осомничените ексминистри за земјоделство го оштетиле буџетот со над 1,4 милион евра

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето при јавни набавки.
„Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации во државата. На овој начин му била предизвикана штета на буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милион евра)“, соопштија од Обвинитеслтвото за гонење организиран криминал и корупција.
Надлежниот јавен обвинител до кривичниот суд достави предлог-мерка притвор за четворицата осомничени. Во акција на одделот за организиран криминал на МВР уапсени се поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и ексзаменик-министерот за земјоделство, Кристијан Делев. Четвртоосомничен во истрагата е актуелниот пратеник Љупчо Димовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја дел од Бутел и Карпош

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел и Карпош.
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од дел улица Радишани и дел од улицата Бел камен во општина Бутел,
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од корисниците од улицата Јури Гагарин во општина Карпош.
Македонија
Мицкоски со честитка до ЦДУ: Европа бара промени

Премиерот Христијан Мицкоски ја честиташе победата на ЦДУ на изборите во Германија преку социјалните мрежи.
„Овој успех е потврда за довербата што германските граѓани ја имаат во лидерството и во принципите на кои се темели ЦДУ – стабилност, развој и посветеност на вредностите на европската христијанска демократија.
Заедно да соработуваме за доброто и просперитетот на нашите граѓани. Европа бара промени“, напиша Мицкоски.
Македонија
Инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден надзор во општина Сарај затече запалена дива депонија

„Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај затече запалена дива депонија составена од опасен отпад и градежен шут“, извести Град Скопје.
Локализиран е пожарот по брзата интервенција од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје, а дополнително затечени се палења на стрништа во Крушопек и Лака, а сторителите се санкционирани. Во изминатата недела инспекторите за животна средина и комуналните инспектори на град Скопје имаат изречено казни на над 100 сторители“, велат од Град Скопје.