Македонија
Запалени осум контејнери минатата ноќ во Скопје
Два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 м3, биле опожарени во текот на изминатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров.
Во истиот период се запалени и шест пластични контејнери од 1,1м3 во населбата Ново Лисиче.
ЈП „Комунална хигиена“- Скопје и за време на изминатиот викенд се соочи со ваков инцидент во скопската населба Радишани, каде што изгореа три контејнери од 1,1 м3 и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло.
„Опожарените садови се целосно уништени и неупотребливи. Веќе имавме случај на еден опожарен нов контејнер на улицата Рузвелтова, а во текот на минатата ноќ изгореа уште два нови и шест од старите садови за одлагање на отпадот. Покрај значителната финансиска штета што е нанесена на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад. Апелираме да престане вандализмот и уништувањето на контејнерите, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен“- изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани.
Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање на отпадот се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.
Македонија
Магла на патот с.Лисец – Попова Шапка, сообраќајот се одвива по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен ветер ја зафати Битола: на неколку локации предизвикани штети
Силен ветер попладнево ја зафати Битола, според објавија надлежните во овој град.
Ветерот според информациите предизвикал штети на неколку локации.
„Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и екипите на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и ТППЕ Битола, постојано се на терен, по силниот ветер кој денес ја зафати Битола и сеуште предизвикува штети на повеќе локации.
Екипите дејствуваат координирано на повеќе места, а ќе останат на терен се до расчистување на сите локации“, соопштија од општинската управа.