Македонија
По паѓањето на довербата и нарушувањето на кредибилитетот на Судскиот совет, одлучив да не учествувам на седниците, вели Лога

Пред гласањето за дневниот ред членовите на Судскиот совет побараа да се истакне дека министерот за правда, Кренар Лога, и претседателот на Врховниот суд, Беса Адеми, никогаш не доаѓаат на седниците на Судскиот совет и не испраќаат информација со која го оправдуваат отсуството. Министерот за правда, Кренар Лога, вели дека во изминатите години неколку министри за правда не присуствувале на седниците на Судскиот совет поради препораката на ГРЕКО за укинување на членството на министерот за правда по службена должност во ова тело.
„Веднаш по стапувањето на функцијата министер, го известив Судскиот совет и побарав да се почитува препораката на ГРЕКО и да се интервенира во Уставот со бришење оваа одредба, во спротивно најавив дека ќе присуствувам на сите седници на Судскиот совет на кои имам право како член по функција затоа што Уставот мора да се почитува. Со писмен допис го информирав Судскиот совет да направи разграничување на седниците и да ме информира за оние на кои можам да присуствувам. Како што е наведено во законот, членовите на Советот по функција не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд“, вели Лога.
Како што додава, присуството на министерот за правда на седници, без право на глас, не влијае на носењето одлуки и законското работење на Судскиот совет.
„Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело, каде што во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови, а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посeтата на оценската мисија на ЕУ, која ја скенира состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците исто како што тоа го правеа моите претходници“, додаде Лога.
Претходно, на седницата на Судскиот совет судијата Ивица Николовски истакна дека министерот Лога е член по функција, но тој не доаѓа и не придонесува за работата на Судскиот совет, иако тоа му е должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).