Македонија
Паднати дрвја, настрешници и покриви, оштетени моторни возила и скинати кабли на ЕВН по вчерашното невреме во Скопје
Вчерашното невреме што го зафати Скопје предизвика бројни проблеми и материјални штети во различни делови на градот. На бројот за итни повици 112 беа пријавени паднати дрвја, оштетени моторни возила, скинати кабли на ЕВН, настрешници и кровови, како и други материјални оштетувања на приватна сопственост.
Најголем дел од пријавите се однесуваат на улиците Теодосиј Гологанов, Париска, Никола Русински, Димитар Туриманџовски, Ѓорче Петров, Самоилова, Струма, Варшавска, Методија Митевски, Ацо Шопов, Лука Геров и бројни други делови од градот, како и населбите Топаана, Бутел, Козле, Сопиште и Виниче. На булеварот „Партизански одреди“ паднало дрво врз повеќе паркирани возила, а на ул. Драгиша Мишовиќ, во дворот на градинката „Орце Николов“, дрво се урнало врз автомобил.
Неколку локации пријавиле и паднати или навалени бандери, скинати жици под напон и искрење, што претставува сериозна опасност за граѓаните. На ул. Шар Планина и ул. Лука Геров се забележани искрења на електрични кабли на ЕВН, а во Шишево и кај православните гробишта паднати бандери го блокирале движењето и создавале ризик од струјен удар.
Оштетувања биле забележани и на кровови на приватни објекти, настрешници, контејнери и семафори, додека во некои случаи дрвата паднале врз јавни и административни објекти, како Драмскиот факултет и Министерството за труд и социјална политика.
Надлежните служби интервенираат по приоритет, со цел безбедно отстранување на паднатите дрвја, обезбедување на оштетените кабли и враќање на нормалното функционирање на улиците. Граѓаните се предупредуваат да ги избегнуваат опасните локации и да се придржуваат до инструкциите на надлежните служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес во Охрид го означи почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Настанот започна со воведни обраќања на Перински, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Еридана Чано, генерален директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, како и градоначалниците на Општина Охрид и Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески.
Во рамките на настанот беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.
„Овие две нови инвестиции во вкупна вредност од повеќе од 1.6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ, кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион.“, истакна Перински.
Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, додека пак проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.
„Министерството за локална самоуправа, како институција надлежна за спроведување на прекуграничните програми со сите соседни земји, продолжува активно да работи на отворање нови можности за искористување на финансиската поддршка што Европската Унија ја става на располагање за регионален развој, интеграција и соработка“.
Македонија
Николоски – Тигањ: Фокус на Владата се инфраструктурните проекти, регионот може да напредува преку економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата Николоски ја потенцираше можноста за интензивирање на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Хрватска во интерес на двете земји.
Тој ги презентираше инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железнички Коридори 8 и 10, како дел од европските транспортни мрежи.
Посебен фокус на средбата се стави на изградба на брзата пруга на Коридор 10, како предуслов за брз и ефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на овој проект.
Двајцата говорници разменија и мислења околу актуелните политички прашања во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.
Вицепремиерот Николоски и амбасадорката Тигањ ги потврдија одличните односи меѓу Македонија и Хрватска и се согласија истите да продолжат да се оддржуваат на високо ниво во интерес на меѓусебната соработка и пријателство меѓу двете земји.
Македонија
26 малолетници затекнати по 24 часот, од нив 14 под дејство на алкохол при контрола во угостителски објект во Свети Николе
Ноќеска во 00.10 часот, полициски службеници од СВР Штип – ОВР Свети Николе, во содејство со инспектори од Дирекција за заштита и спасување, Државен пазарен инспекторат, Управа за јавни приходи, Државен трудов инспекторат и Центар за социјални работи, извршија контрола во угостителски објект во Свети Николе, соопшти МВР.
При контролата, во угостителскиот објект биле затекнати 26 малолетни лица после 24:00 часот, од кои 14 беа под дејство на алкохол.
Според полицијата, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави против одговорните лица.
„Воедно, од другите ангажирани инспекциски служби утврдени се низа прекршоци за кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.

