Македонија
Пендаровски: Има само еден начин за предвремени избори – 61 глас за распуштање на Собранието

Претседателот Стево Пендаровски смета дека треба да се почека од понеделник да се види како ќе се развива ситуацијата по неуспешниот обид за гласање недоверба на Владата.
„ Јасно е дека ситуацијата е сега пата-пата. Да видиме од понеделник дали ќе се формира ново, ќе се обнови постојното или ќе се зголеми ова што е досега мнозинство од 61. А за моето постапување за свикување лидерска средба, мојот став е дека за да има лидерска средба за било кој аспект на оваа тековна политичка криза која настана по вториот круг од локалните избори, би морало да има согласност од власта и опозицијата. Во овој момент нема таква согласност од двата политички блока“ рече Пендаровски.
Според него, на политичките партии е да решат дали ќе одат на предвремени избори. Тој нагласи дека според Уставот има само еден и единствен начин за предвремени избори, а тоа е 61 глас за распуштање на Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шаховскиот клуб „АЛКАЛОИД“ ќе учествува на Светското екипно шаховско првенство за сениори/ветерани за 2023 година

Шаховската федерација на Македонија направи одличен потег со аплицирање и со добивање на организацијата на Светското сениорско екипно првенство во шах за 2023 година (за ветерани, шахисти и шахистки над 50 и над 65-годишна возраст).
Ова врвно шаховско натпреварување, во заедничка организација на ФИДЕ (Светската шаховска федерација) и на Шаховската федерација на Македонија, ќе се одржи од 18 до 29 септември во х. „Изгрев“ во Струга.
Во согласност со турнирските правила, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат и репрезентации и шаховски клубови, но предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја. Најуспешниот македонски клуб, Шаховскиот клуб Алкалоид, го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори, долгогодишни членови на клубот и државни (сегашни и поранешни) репрезентативци:
§ Трајко Недев – 3-пати државен шампион и освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско екипно првенство во 2003 година;
§ Драгољуб Јаќимовиќ – 2-пати државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската олимпијада во 2000 година;
§ Звонко Станојоски – 6-пати државен шампион и актуелен државен шампион за 2023 г.;
§ Влатко Богдановски – 7-пати државен шампион;
§ Кирил Георгиев – како нов член на екипата, поранешен светски сениорски брзопотезен шампион и светски јуниорски шампион;
§ Роландо Кутиров – капитен на екипата, 2-пати државен шампион.
Сите тие се шахисти кои дале исклучителен придонес во развојот и во резултатите на македонскиот шах, а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на нашата држава на многу Шаховски олимпијади и Европски екипни првенства. Истовремено, како долгогодишни членови на екипата на ШК Алкалоид, заедно ги создаваат сите успеси, вкупно 24 шампионски титули за клубот на Екипните првенства на Македонија, од кои последните 10 се во континуитет досега! Дел од играчите беа во составот на ШК Алкалоид во 2016 година кога клубот стана европски клупски првак, како и во 2017 година кога клубот ја освои вицешампионската титула.
Учеството на ова светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и севкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат!
ПР
Македонија
Спасовски: Превенцијата на детско престапништво и зголемување на отпорноста на младите од сите видови криминал е приоритет

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше со свое видео обраќање на Регионалниот настан „Зајакнување на отпорноста на организиран криминал и корупција помеѓу младите во Југоисточна Европа“, во рамки на Претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, а во заедничка организација на Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал.
„Токму овие две области се клучни полиња во кои Европската Унија, односно Европската комисија со години упатува забелешки и дава препораки за натамошно подобрување. Притоа, организираниот криминал и корупцијата се и области во чијашто борба и превенција Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вложува материјално-технички, но и човечки ресурси за надградба на своите капацитети. Воедно, несебично сме вклучени во меѓународната соработка, воспоставена на експертско и оперативно ниво, со цел етаблирање и поттикнување на култура на заедничко и посветено дејствување во борбата против овие феномени”, истакна Спасовски.
Говорејќи за превенцијата на детското престапништво и зголемувањето на отпорноста на младите од сите видови криминал во Република Северна Македонија како прашање од стратешки приоритет за добросостојба на децата, семејствата и општеството во целина, министерот Спасовски рече:
„Во декември 2019 година, Министерството за труд и социјална политика ја донесе Националната стратегија и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство за периодот 2020 до 2025 година, во кои претставници од Министерството за внатрешни работи, заедно со други релевантни институции и меѓународни партнери имаа активно учество како во изготвувањето, така и во нивното спроведување. Законските услови за превентивно дејствување се поставени, пред сѐ, во Законот за правда на децата, во кој едно од најзначајните начела е токму превенцијата. Врз основа на овој закон уште во 2009 година е воспоставен и Државниот совет за превенција на детско престапништво, во кој членуваат професионалци, стручни и научни работници, претставници од државните и јавните установи, приватниот сектор и граѓанските здруженија со цел организиран пристап во превенцијата на детско престапништво. Со донесување на Законот за правда за децата, Република Северна Македонија направи голем исчекор во делот на заштитата на правата и интересите на децата, а со новиот концепт на Законот се постигна усогласување со меѓународните стандарди за правда за децата и се создаде еден сеопфатен концепт насочен во полза на децата кои дошле во контакт со правниот систем, а во нивен најдобар интерес”, нагласи Спасовски.
Подвлече дека 2023 година е успешна година за Министерството за внатрешни работи на планот на оперативната меѓународна соработка, а сè попризнати се и успесите во остварувањето на својата репресивна функција.
„Убеден сум дека со одржување на вакви настани и со зајакнување на меѓусебната доверба и дијалог, ќе можеме за многу скоро време да кажеме дека превенцијата на криминалот и криминалните феномени во Република Северна Македонија добиваат на интензитет, а резултатите бележат континуиран растечки тренд”, рече министерот Спасовски, посакувајќи успешна работа на регионалниот настан.
Македонија
(Видео) Меџити не исклучи можност за смена и на директорката на Онкологија

Некои од онколошките пациенти повторно се жалат дека не им е достапна неопходната терапија и покрај тоа што Министерството за здравство извести дека е набавена. Министерот Фатмир Меџити, денес, по посетата на обновениот дел на Клиниката за ендокринологија, рече дека дополнително ќе провери зошто пациентите повторно се жалат дека немаат терапија.
„Од менаџментот на Клиниката за онкологија јас сум известен дека терапија има. Службите веднаш ќе го проверат овој проблем“, рече министерот Меџити.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од директорката на Клиниката за онкологија, Меџити рече дека ќе постапува бескомпромисно.
„За секој што ќе згреши пред здравствените закони, ќе има одговорност, бескомпромисно. Ова здравство не функционира, јас сум автокритичен. Вложивме многу труд и напор, правиме сѐ за да ги подобриме условите“, вели министерот Меџити.
Онколошките пациенти повеќе од два месеца беа оставени без терапија, проблем за кој министерот Меџити минатата недела извести дека е надминат и дека болните од рак веќе не треба да имаат проблем со пристап до терапијата.