Македонија
Пензионерка до Меџити: Со 12.500 денари како да купам и ленти за шеќер, се утепав давајќи пари за лекови

Пензионерка, која наброја дека боледува од дузина болести, утрово го праша лично министерот за здравство, Фатмир Меџити, зошто нема ленти за мерење шеќер во крвта. Министерот пред Поликлиниката „Јане Сандански“ и денес ја промовира реформата во примарното здравство, со која матичните лекари може да препишуваат лекови за притисок, шеќер, белодробни болести, тироида и астма, кои досега ги препишува единствено специјалистите. Кога заврши со давањето изјава, пензионерката гласно го праша министерот зошто нема ленти за дијабетичари.
„А ние што сме со еден бубрег кога ќе ги добиеме лентите? Кога? Ти си министер за здравство, така? Земам 12.500 денари пензија, две ребра имам извадено поради рак, четири пати мочниот меур ми е опериран од рак, имам извадено бубрег, двапати сум оперирана, имам болна тироида. Живеам тука во пензионерскиот дом. Не сум мажена, од болести не можев да се омажам, се разболев многу млада. И сега ленти купувам. Една нега земам мо*ана од 4.200 денари. Немам фамилија, ми изумреа сите, имам една сестра стара. Се утепав пари давајќи за лекови. За срце примам ‘декортин’, шеќер имам, се боцкам трипати“, рече пензионерката.
Министерот ѝ пријде и се обиде да ја смири.
„Можам да ви кажам дека добро изгледате, добро се држите. Ќе има ленти. Навистина како министер се извинувам за тоа што доцнеа. Едно ве уверувам, јас како Фатмир Меџити, додека сум министер, нема да има доцнење на лековите“, рече министерот Меџити.
Пензионерката му кажа дека има и ретка системска болест, од која ѝ отекува телото, па побара помош за лекот што ѝ помага, а министерот ги задолжи своите вработени да земат податоци за да може да ѝ помогне.
Ја советуваше да не излегува во периодот од 10 до 18 часот додека траат горештините и ја испрати во инсулинската аптека да си подигне ленти за кои уверува дека се веќе достапни за пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вработените во Македонската филхармонија најавуваат нов протест

Вработените во Македонската филхармонија во понеделник со почеток во 13 часот ќе одржат нов протест пред Министерството за култура и туризам.
„Пред точно една недела добивме ветување од министерот Зоран Љутков дека конкурсот за избор на директор на Македонската филхармонија ќе биде спроведен законски и дека ќе биде избран најдобриот кандитатот кој ги исполнува сите услови пропишани со Законот за култура. Во меѓувреме добивме информации дека конкурсот веќе се спроведува незаконски, и дека по секоја цена се оди кон тоа меѓупартиски договорениот кандидат Мустафа Имери да биде назначен за директор на нашата институција. Имаме информација дека Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат. Комисијата веќе им дала рок на кандитатите кои не доставиле уредна документација да ги достават потребните документи во рок од три дена. Со тоа се кршат условите пропишани во конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДМНЕ и да се назначи Мустафа Имери за директор на нашата институција“, истакнуваат во соопштението вработените во Македонската филхармонија.
Македонија
Отстранети две обемни диви депонии во скопската општина Чаир

Во текот на вчерашната ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија две обемни диви депонии лоцирани во скопската општина Чаир.
„Активностите се одвиваа на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ како и на улицата Лазар Трповски“, извести Комунална хигиена-Скопје.
„Во рамките на акцијата беа подигнати и транспортирани вкупно 40 кубни метри претежно кабаст и мешан комунален отпад одложени на јавни и сообраќајни површини.
Во текот на 2024 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје во оваа скопска општина отстрани вкупно 2970 кубни метри отпад од диви депонии, што е најголемо количество во однос на сите останати скопски општини. Само во текот на месецот јануари 2025 година, се подигнати и транспортирани 205 кубни метри отпад од диви депонии во општината Чаир“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Почна пролетната дератизација во Карпош

Во тек е редовната пролетна дератизација на околу 5.000 шахти на територија на општина Карпош.
Како дел од рутинските активности за одржување на јавната хигиена претходно, со процесот на дезинфекција, дезинсекција и дератизација беа опфатени сите основни училишта и детски градинки.
Локалната самоуправа ја презема оваа активност секоја година на пролет и есен, како превенција од штетните глодари и инсекти, во насока на одржување на здравата животна средина, информираат од општината.