Македонија
Меџити ќе избира нова директорка на Детската клиника, Фуштиќ се пензионира со обезбедена „трикафта“: ова е шлаг на тортата, подобро пензионирање не може да има
Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека деновиве ќе назначи нов директор на Клиниката за детски болести оти досегашната директорка Стојка Нацева-Фуштиќ заминува во пензија. Обезбедениот лек „трикафта“, набавката што ја направи Детската клиника, министерот Меџити го спореди со шлаг на тортата пред пензионирањето на директорката.
„Директорката и милата професорка Фуштиќ подобро пензионирање од ова нема да може да има. Шлаг на тортата, навистина. Благодарам за сѐ што дадовте од себе и за ова време што работевме заедно. Навистина сите сме многу благодарни. Професорката ќе продолжи да биде консултант ако му е потребно на новиот менаџмент кој ќе биде на Детската клиника. Ние сме тука да го искористиме секогаш искуството на вакви наши вредни професори, како професор Докиќ и професорката Фуштиќ. Деновиве, ќе одлучиме и ќе соопштиме кој ќе ја наследи“, рече министерот Меџити на денешната прес-конференција за обезбедениот лек „трикафта“ за наредните два-три месеци како и за обезбедениот буџет за набавка на лекот за следните две години.
Директорката Нацева-Фуштиќ учествуваше во набавката на лекот „трикафта“ во март годинава кога беше постигната цена пониска од објавената на интернет, а по истата цена денес извести дека се набавени уште 102 дозажни форми, доволни за следните два-три месеци, во кои на секои десет дена по седуммина нови пациенти ќе се вклучуваат во терапијата.
Министерот Меџити рече дека дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза ќе бидат обезбедени со терапија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноска: Да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ, за конечно ДУИ и СДСМ да ги испратиме во опозиција
Носителката на листа од коаилициката Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6, Дафина Стојаноска се обрати пред тетовчани.
Дафина Стојаноска истакна дека е време за целосно обединување на сите, без разлика на партиска, верска или национална определба. Раката на ВМРО -ДПММЕ е подадена, време е ДУИ и СДС да заминат во опозиција.
Вчерашниот мини-митинг во старо Тетово – Под Балтепе испрати силна порака дека тетовчани ги има и се со одличен резултат во првиот круг претседателски избори. Мотивирани се и за 8-ми мај. Велат дека е редно оваа криминална власт да се испрати во пензија и да дојдат луѓе кои со работа ќе го покажат патриотизмот кон Македонија.
Македонија
Ковачки: 1 милијарда евра ќе се слеат од централниот буџет во општинските буџети
1 милијарда евра ќе се слеат од централниот буџет во општинските буџети, ветува носителот на третата изборна единица на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Само за Кочани планираме да одвоиме 17 милиони евра во првиот четири годишен мандат. И тука предвидуваме продолжување на експресниот пат Кочани до Делчево, реконструкција на патот Кочани до Зрновци, секако целосна реконструкција на железничката линија Кочани до Велес и во градот Кочани предвидуваме изградба на катна гаража, изградба на старечки Дом и јужниот булевар. Така што ова е еден инвестициски бум кои што ги чека нашите општини после промената на власта. Ги повикувам сите граѓани на 8мај да ни се приклучат, за проекти, реформи и да си ја вратиме Македонија повторно горда и твоја“, изјави Ковачки.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС коваат две сценарија – 1. Бојкот на избори, 2. Влада со ДУИ, и Али да одлучува кој кое министерство ќе го има
СДС знаат дека ќе изгубат катастрофално во вториот изборен круг, и наместо чесно да го прифатат поразот, тие мислат ќе го изманипулираат народот. СДС деновиве коваат две сценарија кои во суштина се завера против Македонија, велат во утринското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„Првото е сценарио на бојкот. Европјаните и демократите од СДС кои се утепаа од крадење, сакаат да бојкотираат зошто народот не ги сака и ќе доживеат тежок дебакл. Со ова сценарио сакаат свесно да предизвикаат уставна криза. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, каде Ковачевски му оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му даде на СДС и кои. Толку е голем очајот, што Ковачевски прифаќа се, па и сите министерства да ги води ДУИ, не сфаќајќи дека поразот е и поради тоа што партијата го изгуби идентитетот трчајќи по тоа да му се угоди на Ахмети“, велат од партијата.
„И двете сценарија кои се во план во СДС се губитнички за Македонија и удираат по нејзините темели. Решението е масовна излезност. Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е масовно гласање на избори. Колку поголема излезност толку поголема ќе биде победата над СДС и ДУИ. И СДС и ДУИ мора да знаат две работи, првата е дека ДУИ заедно со СДС оди во опозиција. А втората е дека ќе одговораат за криминалот. Промените и победата е во рацете на народот. За да се запрат СДС и ДУИ и да нема уцени потребна е масовна излезност. За Македонија повторно да биде твоја“, се наведува во соопштението.