Македонија
Перински и Арсовска се објаснуваа за европските пари
Разрешениот директор на Водовод, Златко Перински, на прес-конференција се правдаше дека нема причина да го тргнат од функцијата, а таму беше и градоначалничката Данела Арсовска, која го тврдеше спротивното.
Тој посочи дека обвинувањата на неговата надредена се паушални, а таа ја правдаше својата одлука со објаснување дека тој е нетранспарентен. Според неа, спорно било што Перински не ги сменил членовите на комисија кои биле дел од проект за пречистителна станица како што сакала таа. Перински, пак, објаснуваше дека во фазата во која се наоѓал проектот, тоа не можело да биде направено, но и дека веќе имало промени во комисијата со согласност на европските банки кои финансираат.
„Да не си играме со паушални обвинувања, затоа што ова може да го загрози проектот за кој државата добила 72 милиони евра. Зошто сум разрешен? Можеби градоначалничката ќе додаде. Јас апелирам дека ги отфрлам сите обвинувања кои ги прочитав во медиумите“, кажа Перински.
Тој пред Арсовска рече: „Ние интерно можеме што сакаме да си кажеме, но со европски банки не можеме да си играме“.
Тој беше прашан дали е точно дека една од фирмите понудувачи на тендерот која имала 20 милиони евра пониска понуда од друга фирма била одбиена со цел друга компанија да ја добие набавката.
„Јас не можам да коментирам дека 20 милиони евра е поскапа или поевтина понуда. Отворањето на понудите не е почнато, денеска се отвораат понудите. Како можете да знаете вие? Од каде ви е информацијата, тоа вие треба да го објасните. Ме загрижува фактот што пласирате паушални бројки, бидејќи денеска во 12 часот е закажано отворањето на понудите“, му рече Перински на новинарот.
Постои можност, поради јавно објавени информации кои се тајни и за кои треба посебни сертификати за доверливост, Македонија и Град Скопје да го изгубат грантот.
„ЕБОР се загрижени од саботата бидејќи се пласираа доверливи информации во јавност. Ниту јас, ниту друг субјект нема право, ако нема изјава за доверливост, да учествува во ова. Затоа банките се загрижени. Утринава јас разговарав, ама не знам што ќе се случува во иднина. Ова се кредити кои ние како граѓани треба да ги вратиме. Има ризик да го изгубиме грантот“, додаде Перински.
Тој ѝ порача директно на Арсовска, која му најави кривична пријава: „Ако не ми поднесете кривична пријава, и кажувам пред вас, дека ќе треба да ми се извините“.
Арсовска посочуваше дека тој можел да ги смени членовите на евалуационата комисија. Перински и реплицираше: „Овие се елементарни непознавања градоначалничке“.
„Промената на евакуациона комисија треба да се случи со писмена согласност. Во првиот момент кога ја менувавме комисијата не беше започната евалуацијата во техничкиот дел. Кога тоа го бараше градоначалничката, Европска инвестициона банка, беше усвоен извештајот без забелешка“.
На крајот од прес-конференцијата Арсовска му се налути на Перински: „Јас не сум му другарка од маало, се знае како се комуницира со претпоставен“, бидејќи тој ѝ рече да си ги провери мејловите, дека била поканета на секоја средба со европските банки, каде детално се претставувале извештаите за проектот кој го финансираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

