Македонија
Петровска не гледа задна намера во ставањето на Анѓушев на црната листа, тоа е порака институциите да направат дополнителни проверки
Објавувањето имиња на црната листа на САД значи дека треба домашните институции да направат дополнителни проверки, вели министерката за одбрана, Славјанска Петровска. Иако не се гледа себеси како прва повикана да зборува за справување со корупцијата, за Петровска – корупцијата е безбедносно прашање и токму поради тоа очекува поголема агилност од институциите по ставањето на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, на листата и најавата од амбасадорката Анџела Агелер дека црната листа ќе се проширува.
„Во сите оние пораки што ги слушавме и вчера, меѓутоа и изминативе денови, и од амбасадорката и од претставниците на САД, јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме. Иако можеби не сум прва повикана да зборувам за корупцијата, како министерка за одбрана и, пред сè, како граѓанин на оваа држава, ќе кажам дека за мене корупцијата претставува безбедносно прашање. Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого сè ќе финансираат, и сега не зборувам за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент може да ја дестабилизираат државата на каков било начин. Јас очекувам и сега, но и во иднина, институциите во нашата држава, кои се задолжени за борба против корупцијата или кои се задолжени за спроведување на законот во тој дел, во иднина поагилно да реагираат затоа што секогаш кога ги добиваме ваквите изјави, дури и објавувањето имиња на црната листа на САД, значи дека треба да направиме дополнителни проверки од страна на институциите за тоа како тие луѓе се нашле на тие листи“, рече министерката за одбрана пред почетокот на денешната конференција „Мир и просперитет на Западен Балкан“.
Дополнителните проверки дома на лица што станство на кој било начин ќе бидат поврзани со корупција, ќе биде дел и од нашите закони.
„Се работи и на измена на законодавството со кое во иднина ќе можеме лицата што ќе се најдат на црните листи или на каков бил друг начин ќе претрпат санкции, дали од ЕУ или од напите стратешки партнери, ќе може веднаш, без одлагање, да бидат преземени мерки и во РСМ“, рече министерката Петровска.
Според неа, клучен фактор за решавање и на корупцијата во земјата е да ја преминеме точката во која сега стоиме како држава со неизгласаните уставни измени.
Амбасадорката Агелер вчера на брифинг со неколкумина новинари рече дека за Кочо Анѓушев има многу докази во голем број случаи, кои упатуваат на корупција, но не ѝ дозволено да зборува за детали. Уверува дека не е лична работа и дека не е закана, туку се работи, едноставно, за постапување по американското законодавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

