Македонија
Пишев до Јанкулоска: Прати го Чавков да ми биде логистика во Струмица

Од една од СМС-комуникациите што денеска обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, ги презентира на рочиштето за случајот „Титаник“, кој се однесува за изборни нерегуларности, може да се чуе како пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев, за изборите во 2013 година кога беше кандидат за градоначалник на Струмица бара од тогашната министерка Гордана Јанкулоска да ги прати ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, и Далина Наќева-Потурак да отидат во Струмица за да му дадат логистичка помош за изборите.
„Прати ми ги како логистика Митко Чавков во Струмица и Далина Наќева-Потурак. Добро го разбираат теренот“, стои во пораката што Пишев ѝ ја испраќа на Јанкулоска.
По ова, поранешната министерка му враќа: „Баш сега сакав да му вртам на Чавков. Во Струмица мора да ги смачкаме“.
Јанкулоска исто така во пораките вели дека секогаш има толеранција и може да ги ослободи вработените во МВР за изборна кампања. Таа открива дека одредена вработена веќе цел месец не оди на работа и никој не ѝ прави проблем.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Црноризец Храбар, општина Аеродром;
– во периодот од 08.30 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Сарај – пат за Љубин (кај Џамијата) општина Сарај;
– во периодот од 09.00 до 11.30 часот, поголем дел од корисниците од објектите со парен број на улицата Иван Цанкар во населба Влае, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Елисе Поповски Марко, Киро Гавриловски, Антон Панов, општина Центар;
– во периодот од 09.00 до 14.30 часот, едл од корисниците од ул. Франц Прешерн со бр. од 20 до 40, општина Карпош;
– во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците на ул Поп Богомил и трнодол, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди и со услови за дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните и јужните делови ќе има повремен локален дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Времето во наредните денови
Времето во следните денови ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен, повремено засилен северен ветер. Во вторник и среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните во постепен пораст.
Македонија
Полицијата казнуваше и денес, откри 96 сообраќајни прекршоци

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска во периодот од 08:30 до 16:00 часот спроведе зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот на територијата на град Скопје.
При контролата санкционирани се вкупно 96 учесници во сообраќајот, од кои изречена е 41 мерка за возење со брзина поголема од дозволената, 15 санкции за возачи на мотоцикл кои управувале без заштитна кацига, четири мерки за возење без возачка дозвола, две санкции за возење мотоцикл без поседување на дозвола со соодветна категорија, две мерки за малолетни лица за управување мотоцикл кои при тоа немале положено возачки испит за познавање на сообраќајните знаци и правила на сообраќајот, а едно лице било приведено во полициска станица за утврдување на идентитет за сторен сообраќаен прекршок по член 211 поради непочитување на знаци и наредби од полициски службеници и 31 мерка по други сообраќајни прекршоци, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заеднички да придонесат за подобри, посигурни и побезбедни патишта.