Македонија
Пломба за кафе барот „Интермецо“ поради организирање журки за време на пандемија
Од Државниот пазарен инспекторат потврдија дека ноќеска е пломбиран кафе барот „Интермецо“ каде за време на цела пандемија се организираа журки без почитување на протоколите. Според директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска – Димоска, синоќа било извршено и последното затворање на локалот поради непочитување на пропишаните мерки за заштита од Ковид – 19.
„Нашите инспектори беа во локалот од 20 часот синоќа. Регистрирано е непочитување на мерките за заштита од Ковид – 19 што ги пропиша Владата, имало метеж и не се одржувала пропишаната дистанца“, рече директорката Симоска – Димоска.
Нагласи дека не може да каже детали околу затворањето затоа што се уште го чека записникот од синоќешното пломбирање на „Интермецо“ но извесно е како што рече, дека кафе- барот ќе остане затворен најмалку 10 дена.
„Инспекторот ќе одлучи колку време ќе биде затворен локалот, законот предвидува затворање од 10 – 30 дена. Секако ќе бидат земени предвид и претходните непочитувања на мерките за заштита од Коивд – 19 во овој локал иако тие веќе се превенирани“, рече директорката Симеска – Димоска.
Во јавноста беше познато дека кафе барот „Интермецо“, иако постојано добива казни и веќе неколку пати , редовно по отворањето продолжуваше со организирање забави спротивни на протоколите. Според објавите на социјалните мрежи, последниве две недели, се споделуваа видеа од кои се забележува дека не се почитува ниту дистанца ниту пак се внимава колку е исполнет објектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

