Македонија
Повисоки плати ќе добијат судиите и обвинителите

Владата денеска ги прифати и измените и дополнувањата на Законот за плати на јавните обвинители.
Со предложените одредби, како што велат од владината прес-служба, се прилагодува коефициентот за утврдување на плата на јавните обвинители и вкупните заложби за подобрување на материјалните и финансиските ресурси во правосудниот систем вклучително и платите и другите надоместоци на јавните обвинители.
Цел на предложените законски измени е надградување на системот на плати на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои тие ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за изменување на Законот за судска служба.
„ Основната цел на предлогот на законот е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%“ се наведува во соопштението.
Владата денеска го утврди и текстот на предлог-законот за изменување на Законот за јавно обвинителска служба кој има за цел воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на јавно обвинителските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во јавно обвинителската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.
На предлог на Министерството за правда, на денешната седница се утврдени и измените на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
Во предложениот законски текст се менуваат коефициентите за утврдување на плата на членовите на Советот со цел надградување на системот на плати на членовите на Советот на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
Сите овие измени и дополнувања на Законот за плати на јавните обвинители, на Законот за судска служба, на Законот за јавно обвинителска служба и на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, ќе бидат доставени на усвојување во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Преговорите со Бугарија не смеат да бидат тајни – подготвен документ на експертската јавност

Институтот за демократија и Институтот за европска политика, подготвија заеднички документ како одговор на францускиот предлог за преговарачката рамка и на дебатата која ја отвори Владата по добивањето на модификациите од Брисел.
Тие сметаат дека преку отфрлањето на предлогот мора да се изгради нов став со широк општествен консензус заснован на темелни дискусии.
„Во тековниот предлог, преговорите вистински би започнале по внесувањето на етничките Бугари во преамбулата на Уставот – ветување за коешто Владата нема мандат и ќе нè остави уште долго во чекалната, но сега, со целиот притисок врз нас. Протоколот кој сè уште не е достапен за јавноста, останува дел од преговарачката рамка.
Историските теми остануваат на маса, а мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања добива многу поголем притисок за резултати. Но овој пат, притисокот ќе биде европски, а не бугарски.
Решението за македонскиот јазик не е чисто. Со изоставувањето на поглавјето 34 од преговарачката рамка и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје (кое сe носи со едногласност), доколку нејзините барања не се исполнети, а се дел од нотата за македонскиот јазик. Потпишувањето на договорот за Фронтекс не е правна гаранција за непризнавање на јазикот во ова поглавје.
Аргументите „сега или никогаш“, „земи или остави“ не се оправдани во ситуација кога идниот изглед на ЕУ не е познат и кога војната во Украина налага потреба од итен успех во проширувањето што треба да се направи по секоја цена. Сега тоа е на штета на Северна Македонија, но и на самата ЕУ. Штетата од овој присилен „успех“ ќе ја направи земјата уште поранлива на подривачки влијанија од трети страни и е далеку поголема по безбедноста и стабилноста на регионот.
Процесот на градење општествен консензус за една од најважните одлуки кои Македонија треба да ги донесе, треба да биде инклузивен и да не се вградува во нереална временска рамка. Владата еднострано информира отколку што дебатира и се труди да изгради заеднички став. Оваа стратегија не само што создава дополнителна несигурност и фрустрација кај граѓаните, туку ја зголемува и поларизацијата во општеството и нетрпеливоста кон неистомислениците.
Можеби, за политичкиот естаблишмент прифаќањето нема да биде „ни триумф, ни дебакл“, но за нашето општество се создава ризик дека пристапниот процес ќе биде јамка околу вратот што ќе се затега во следните децении.
Со наведувањето можни етнички тензии како последица од неприфаќањето на предлогот (кој има јасен бугарски печат: „Раздели, па владеј“), се внесува дополнителна несигурност. Дали во Македонија ќе има етнички тензии зависи најмногу од македонските политички субјекти. Одговорноста е на Владата да обезбеди меѓуетничка трпеливост и толеранција во најосетливи моменти.
Инсистираме сите понатамошни чекори и документи, вклучително и Протоколот, коишто би ги презела македонската влада за решавање на македонско-бугарскиот спор, да бидат презентирани во јавноста за да се обезбеди широка општествена поддршка. Собранието не смее да биде заобиколено.
Оттука, во интерес на вистински и целосни информации и во интерес на иднината, Владата мора да одговори на следните прашања/барања:
Владата веднаш да го објави Протоколот кој треба да се потпише меѓу ресорните министерства.
Како во модифицираниот предлог е заштитен македонскиот идентитет?
Зошто пред една седмица за решението за јазикот со унилатерлани декларации сметавте дека е неприфатливо, а сега е прифатливо?
Какви гаранции Владата обезбедила за да го заштити македонскиот јазик, особено во однос на идна злоупотреба на унилатералната изјава на Бугарија во поглавјето 34?
Кога и со кои политички субјекти Владата постигнала согласност за промена на Уставот?
Каков реципроцитет е обезбеден во обврските за спроведување на Протоколот (изјава на министерот Османи за ТВ емисијата „Топ тема“)?
Зошто Владата смета дека ова е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат?
Владата да го објави претходниот предлог – “работна верзија“.
Последно, нагласуваме да се преиспита пристапот на забрзани консултации и да се остави време за суштествена дискусија, анализи и проценки“, стои во документот кој го поддржаа и Македонски Центар за меѓународна соработка, Институт за комуникациски студии, Центарот за управување со знаење, Центар за истражување и креирање политики, Центар за правни истражувања и анализи, Зелен институт ЕКОВИТА и Рурална коалиција РАДАР.
Македонија
И Села го поддржа францускиот предлог

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изјави дека го поддржуваат францускиот предлог, по средбата со премиерот Ковачевски.
„Не се работи само за прифаќање или неприфаќање на францускиот предлог, туку за продолжување или непродолжување на патот кон ЕУ. Мислам дека Северна Македонија треба да продолжи кон евроинтеграциите, другa опција за нас не треба да постои. Нашиот став е дека не треба да се создаваат алтернативи, туку само ЕУ. Македонија треба да биде членка на ЕУ, а тоа нормално оди преку преговори. Нема двоумење, јасни сме, би го прифатиле овој предлог“, рече Села.
Тој нагласи дека политичарите не треба да собираат поени на ова прашање, туку да прифатат продолжување на евроинтеграцискиот процес.
Претходно, францускиот предлог го прифати и Беса, со барање за време на уставните измени, да се отстрани „20%“ и да пишува албански јазик.
Македонија
(Видео) Каевски: Антиеу коалиција, тоа што Мицкоски го мисли го кажува Апасиев

Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев се истурените ликови на антинато и антиеу коалицијата. Она што Мицкоски го мисли го кажува Апасиев, она што Мицкоски го нарачува Апасиев го одработува, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„ Мицкоски и проруската инсталација Апасиев заедно шират хистерија преку лажни вести и навреди. Во предлогот на француското претседателство јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес.
Но, не е ова првпат ВМРО ДПМНЕ и Левица заедно да се обидуваат и да создаваат тензии. Сè уште се сеќава јавноста на лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица за кантонизација, федерализација, мигрантски кампови, дека со Договорот од Преспа се продавал идентитетот, за бугаризација. Лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица немаат крај, тоа се деструктивни партии кои не сакаат државата да оди напред, бидејќи така им одговара“, рече Каевски.
Тој го обвини Мицкоски дека јавно признал дека не сака во ЕУ, а дека Апасиев сонувал за Русија.
„Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица не и мисли добро на државата, напротив тие сакаат државата да биде изолирана, внатрешно поделена и наместо европска, да има несигурна и неизвесна иднина. Граѓаните одамна знаат какви деструктивци се Мицкоски и Апасиев, и затоа и овие обиди нема да им успеат“, порача Каевски.