Македонија
Покачувањето на пензиите води кон зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на придонесот за пензиско, предупредуваат експертите

За едни очекувано и неопходно, за други неправедно и неправично. Линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари, кое треба да се пресмета во септемвриските пензии, ги загрижи економските експерти. Зголемен дефицит со продлабочување на дупката во Фондот за пензиско осигурување, која се покрива со пари од централниот буџет, оддалечување од стремежот за независност на Фондот за пензиско осигурување, политики што водат кон зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на придонесот за пензиско осигурување, се последиците од зголемувањето на пензиите на ваков начин за кои предупредуваат експертите.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи, смета дека линеарното покачување ќе нанесе силен удар, кој може да има далекосежни последици.
„Линеарното зголемување на пензиите води кон две неминовни работи. Правата е зголемување на старосната граница за пензионирање, а втората е зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Реално, в година ќе ни требаат над 200 милијарди евра само за линеарното покачување на пензиите, што значи, за да се исплатат, ќе се кратат расходи за работи што му требаат на населението. На среден рок се доведува до прашање и одржливоста на Фондот за пензиско осигурување, имаме демографски карактеристики со иселувањето, во следните 5-10 години ќе имаме стареење на населението и сериозна бројка на луѓе ќе станат пензионери. Без сериозни реформи, Фондот нема да издржи долго време“, вели Битиќи.
Со линеарното покачување смета дека повеќе од половина пензионери ќе добијат помало зголемување на пензиите отколку со планираното системско усогласување на пензиите со растот на трошоците за живот и растот на просечната плата.
„Ова не е праведно и правично решение. Речиси 150.000 пензионери реално ќе добијат по 2.500 денари, но другите ќе добијат помалку отколку што би добиле со досегашното системско усогласување на пензиите. Линеарното покачување е неправедно за пензионерите и оти законското усогласување ќе се укине. Ветените 5.000 денари уште во изборната кампања ќе ги добијат, половина сега, половина со мартовските пензии, но за ново покачување ќе треба да чекаат нови предизборни ветувања од политичарите. Во септември следната година нема да има усогласување на пензиите. Ќе треба да чекаат до изборите во 2028 година кога на власта повторно ќе ѝ требаат гласови за ново линеарно покачување на пензиите“, рече Битиќи.
Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, не одговори на прашањето од „Макфакс“ дали линеарното покачување на пензиите значи целосно напуштање на системското процентуално усогласување на пензиите двапати годишно.
„Одлуката за линеарно зголемување на пензиите по 2.500 денари донесена од страна на Владата се однесува за септември 2024 и март 2025 година“, вели министерката и не кажува конкретно дали целосно го напуштаат системското усогласување на пензиите.
За линеарното покачување на пензиите до крајот на оваа година, министерката уверува дека се обезбедени средства со ребалансот на буџетот.
„За исплата на пензиите до крајот на 2024 година со ребалансот се обезбедени 5 милијарди денари. Од овој износ 2,5 милијарди се дополнителни средства за реализација на линеарното зголемување на пензиите и 2,5 милијарди денари се обезбедени средства што не биле првично планирани со иницијалниот буџет“, вели министерката Димитриевска-Кочоска.
За да обезбедат средства за исплата на покачувањето во иднина, пак, министерката вели дека на редовна основа ќе ја следат наплатата на придонесите и извршувањето на расходите од страна на Фондот за пензиско осигурување и ќе реагираат доколку има потреба. Очекува дека во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените ќе се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа ќе влијае на стабилизирање на состојбата. Како мерка за стабилизирање на финансиската состојба на Фондот министерката ја наведува и борбата со неформалната економија, особено во делот на исплата на платите.
Фондот исплаќа пензии и за вработени за кои фирмите не плаќале пензиско
Поранешната директорка на Фондот за пензиско осигурување, Билјана Јовановска, сведочи дека во Фондот треба да се направат многу измени, кои може да ја подобрат неговата финансиска состојба.
„6 отсто од пензискиот придонес Фондот на ПИОМ го префрла на приватните фондови, а тие сѐ уште немаат обврска да исплаќаат пензии. Фондот на ПИОМ уплаќа секој месец во ФЗОМ за секој пензионер 13 % за задолжително здравствено осигурување, а за вработени тој изнесува 7,5 %. Исто така, Фондот ги исплаќа во целост и пензиите и за сите што беа вработени со проектот ‘Македонија вработува’, иако за нив фирмите не уплаќаа придонес за пензиско осигурување со години, односно беа ослободени од плаќање со закон. Таа финансиска обврска не ја презеде ниту Министерството за труд ниту, пак, Министерството за финансии и никој не врши уплата со намена за придонес за пензиско осигурување за тие лица. Кога се пензионираат, во основицата за пензија им се засметува и им се исплаќа пензија и за тој стаж како да е платен иако во Фондот никој не направил уплата“, вели Јовановска.
Токму поради ваквите проблеми во Фондот, Јовановска смета дека од исклучително значење за полнењето на буџетот на Фондот за пензиско осигурување се политиките на Владата. Зголемувањето на бројот на осигурениците е најсигурниот извор, па таа смета дека пријавувањето на сите вработени, трансформирањето на договорите на дело и сведувањето на минимум на авторските договори како во јавниот така и во приватниот сектор се решение за полнење на буџетот. Но, и покрај сите овие забелешки, таа вели дека пензијата и досега можела да се покачи.
„Зголемувањето на пензиите сепак мора да се случи. Тоа е и реална потреба. Според постојната регулатива, тоа би било процентуално, па, така, за едни ситно, за други многу. Со линеарното зголемување овој буџет ќе се распредели еднакво кај сите и ќе се дополни со трансфер од централниот буџет. Пензионерите исто се соочија со сите кризи изминативе години, како и со зголемени цени, зголемени трошоци. Реално, државата мора да ги зголеми пензиите во согласност со нивните потреби. Мојот став уште пред повеќе од една година беше дека по речиси 2.500 денари може да се зголемат пензиите во 2023, без никаков проблем“, вели Јовановска.
Иако е непопуларна мерка, и таа смета дека Владата може да одлучи да го зголеми процентот што работодавците го уплаќаат како пензиски придонес за секој вработен за да обезбеди сигурснот на пензискиот фонд.
Работодавците се против зголемување на придонесот за пензиско
Организацијата на работодавците на Македонија е категорично против зголемување на придонесот за пензиско осигурување што го уплаќаат за вработените.
„Работодавците не се согласуваат со идејата за зголемување на стапката на придонесот за пензија затоа што вкупните давачки од нето-платата се огромни и ваквата измена би предизвикала зголемување на сивата економија и ќе го поттикне работењето на црно. Проблемот со пензискиот фонд треба да се решава најпрвин со зголемување на старосната граница за одење во пензија по примерот на повеќето европски држави“, велат од Организацијата на работодавците на Македонија (ОРМ).
По зголемувањето на старосната граница, од ОРМ нагласуваат дека треба да се направат и потешките реформи на пазарот на трудот, каде што „седат“ 110.000 невработени, а стопанството има проблем да најде работници. Зголемувањето на бројот на вработени, според ОРМ, е едно од решенијата на проблемот, барем на краток рок, но за да се поттикне, требаат реформи во образованието, поттикнување на претприемаштвото, намалување на бирократските процедури, сеопфатно подобрување на условите на стопанисување, како и зголемување на наталитетот и намалување на одливот на работоспособното население во странство.
Придонесот за пензиско осигурување што го издвојуваат работодавците за секој вработен изнесува 18,8 отсто од платата и последен пат беше зголемен пред четири години.
(Продложува)
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.