Македонија
Политичките пазарења ги стивнаа бомбите на СЈО

Беше 9 февруари 2015 година кога одекна првата бомба на тогашниот опозициски СДСМ. Прес-конференцијата на тогашниот опозициски лидер Зоран Заев ја почна со зборовите: „Целта е единствена. Да ја вратиме слободата и демократијата, да ги вратиме европските вредности“.
Како одекнуваа бомбите, така растеа и очекувањата дека ќе се стави крај на сомнежите за криминал, изборните нерегуларности, местењето на пописот, злоупотребата на парите од буџетот, судските тефтерчиња и јадењето чоколади кога се нема за леб. Следуваа одлуки на скопска апелација, која ги призна бомбите како доказ во судските постапки.
Четири години по првата бомба, а по формирањето на специјалното јавно обвинителство, судски епилог има само за два случаи, а во бегство се клучните играчи Никола Груевски, Горан Грујевски и Никола Бошкоски.
Во новиот предлог-закон за СЈО бомбите нема да бидат доказ во судските постапки. Тоа значи дека за 18-ина истраги на ова обвинителство, СЈО ќе мора вината да ја докажува со други докази и сведоци.
Доколку се изгласа, Законот СЈО ќе мора без бомби да ја докажува вината на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во истрагата „Попис“ и на пратеникот Антонијо Милошоски во истрагата за „Моќник“. Без бомбите како доказ ќе бидат и истрагата за ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески, под кодно име „Подарок“, како и за ексизвршниот директор на „Т-мобиле“, Жарко Луковски, осомничен во истрагата „Базни станици“.
Бомбите нема да бидат доказ ниту во истрагата „Пациент“, каде што осомничен е вицепремиерот Бујар Османи. Кривично ќе се гони без бомби и екградоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, осомничен во „Хармонија“. Истото важи и за осомничениот ексминистер за здравство, Никола Тодоров, во истрагата „Рендген“ и за истрагата „Друмарина“ каде што осомничена е поранешната пратеничка Силвана Бонева.
Без 80 гласови во парламентот, Законот за СЈО не може да помине. Останува отворено прашањето дали има политички пазар со независната пратеничка група и со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за донесување на законот, меѓу кои се шпекулира и со името на Трајко Вељаноски, кому парламентот не му го одзеде имунитетот за случајот со крвавиот четврток.
Она што останува јасно е дека премиерот Зоран Заев дојде на функцијата благодарение на бомбите. Тој вети дека сите инволвирани „ќе си лежат“, а оттогаш јавноста е сведок на политички пазарења и законски измени зад кои се наѕира селективност во спроведувањето на правдата. Ова се потврди и со замената на притворот со куќниот притвор за Сашо Мијлаков и Орце Камчев.
Според новиот Закон за СЈО, платите на обвинителите ќе бидат пониски од постојните. Тие ќе добиваат плата како што добиваат и вишите јавни обвинители. Се изедначува и мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите со оној на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Шеф на Катица Јанева ќе биде државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, со што тој ќе може да одлучува во одредени ситуации дали за некој предмет ќе биде надлежно СЈО или Јавното обвинителство за организиран криминал.
Предистражните постапки кои ги започнало СЈО може да ги преземе и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста. Мандатот на Јанева е предвидено да трае уште една година. Следниот специјален обвинител со мандат од 4 години би го бирал Советот на јавни обвинители, а не Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.