Македонија
Полицајци барале поткуп, па си го делеле меѓу себе: обвинение за 16 лица во предметот „Премин“

По спроведената истражна постапка во предметот со кодно име „Премин“, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави обвинителен акт против 14 лица и обвинителен предлог против две лица.
Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13, царински службеници, од кои едниот е во пензија, и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 од КЗ. Едно лице, освен за погоре наведените две дела, е обвинето и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл. 396 ст. 5 вв со ст. 3 вв со ст. 1 од КЗ.
Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 од КЗ.
За сите обвинети за кривичното дело примање поткуп Обвинителството смета дека се исполнети условите од чл. 38-б од КЗ и му предлага на судот да им изрече и казна забрана за вршење професија, дејност или должност, со што на лицата ќе им биде забрането вршење должност на службено лице во орган на државната управа, односно министерство, друг орган на државната управа како самостоен орган на државната управа или органи во состав на министерствата или управна организација, како и во други државни органи.
Предметниот обвинител до судот достави и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело, а пронајдена при извршените претреси, и тоа: 51.885 евра, 663.210,00 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Воедно, заради непречено водење на постапката, заедно со обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица поради неизменети околности врз основа на кои мерката е претходно определена.
Истражната постапка е отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција со кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во царинските филијали во Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.3.2023 до 15.10.2024 година со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исто дело. Искористувајќи ист траен однос, исти услови и слични околности, при вршење царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од 20, 50, 70, 100 и 150 евра за да не извршат службено дејство што морало да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, во согласност со Законот за царинската управа, уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет со намера за себе и за превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.