Македонија
Поради фекалиите во дворовите, жителите на струшко Враништа протестираат и бараат канализација

Жители на село Враништа, кое се наоѓа на пет километри од Струга, цел викенд протестираа со барање во селото да се постави нова водоводна мрежа, а за првпат да имаат и канализациска мрежа. Тие со транспаренти порачаа дека кога има дожд се излеваат нивните јами, па настануваат фекални поплави. Се жалат дека непонослива смрдеа се шири насекаде, поради што се отвора можноста да се шират и заразни болести. Барањата за канализација и водовод ги упатија до Општината Струга и Министерството за транспорт и врски.
Обраќајќи се до градоначалникот Рамиз Мерко и институциите, жител на селото посочи: „Цели 30 години жителите на село Враништа се соочуваат со голем проблем. Граѓаните се принудени да градат и нови септички јами, чие траење е неколку години. Таквите јами се излеваат низ селските канали и дворови. Од нив има непријатен мирис. Тоа го прави селото неадекватно место за живеење. И покрај ветувањата од властите, жителите на Враништа останаа без канализација. На само 50 метри од Враништа е колекторот кој ги канализира отпадните води низ цел Струшки Регион. При изградбата на колекторот во 70-години, земјиштето припаѓало на Враништа. Жителите на Враништа плаќале и пари за изградба на канализација, за што имаме и докази. Во однос на водоводната мрежа, ќе истакнам дека цевките се веќе стари и мора да се променат. Притисокот на водата, особено во лето, е мал. Тоа е проблем кој мора да се земе предвид“.
„Инсталација на целосна водоводна мрежа“, „Заштита на животната средина“, „Социјален живот, пешачки и велосипедски патеки“, „21 век без канализација“, „Протест против никого, заедно за интересите на село Враништа“, беа дел од транспарентите.
Засега, нема реакција на нивните барања. Жителите најавуваат дека протестите ќе продолжат ако за 15 работни денови, Струга и Министерството за траснпорт и врски не се изјаснат по нивните барања. Тие посочија дека бараат да не се ризикува нивното здравје.
„Се протестира за добивање нова канализациска мрежа и нова водоводна мрежа. Сме се обратиле до Министерството за транспорт и врски и Општина Струга. Граѓани на Враништа, со нерешавање на овој проблем се соочуваат со неопислива смрдеа поради што се принудени да ги оставаат своите септички јами по нивните дворови и селските канали, а се ризикува да се шират многу заразни болести. Апелот до надлежните е што побрзо да ги чујат нашите барања на канализациска и водоводна мрежа и да одговорат што побрзо. Доколку не одговорат на нашето барање во рок од 15 работни дена, ние како месна заедница и цело население на Враништа ќе продолжиме што поригорозно да настапиме и да го блокираме патот. Да не се воведеме во ситуација да го блокираме и колекторот, па така да се блокира и цела општина“, велат жителите на протестот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.