Македонија
Поставена табла со албанско знаме во кичевската библиотека, полицијата постапува
Полицијата постапува во случајот за кој денеска пишуваше „А1он“ во врска со поставената табла во билиотеката во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на која само на албански јазик е напишано Republika e Shqiperisё, со знамето на Албанија.
„Министерството за внатрешни работи информира дека веќе презеде мерки во согласност со своите надлежности и за случајот е известен јавен обвинител од надлежното Основно јавно обвинителство“, информираат од МВР.
Како што веќе објави „A1oн“, станува збор за еднојазична табла, само на албански јазик, со знамето на Албанија, која води кон дел од библиотеката, каде што се поставени два компјутера преку кои граѓаните може да добијат информации од Државниот архив на Албанија.
Некои од вработените и посетителите во Центарот за култура „Кочо Рацин“ реагираа дека станува збор за провокација и за кршење на законите со оглед на тоа што таблата не е двојазична, односно оние што не го знаат албанскиот јазик, воопшто не може да се информираат за што станува збор.
Еднојазичната табла била поставена во средата, а директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи, изјави дека станува збор за грешка, која ќе биде исправена и дека за тоа е надлежна Општината.
„Ние имаме договор со Општината да отстапиме дел од библиотеката, еден агол, кој ќе може да се користи. Фактички станува збор за два компјутера, кои би се поврзувале со Државниот архив на Албанија и секој што е заинтересиран за одредени информации од Архивот да може да се приклучи. Јас веднаш реагирав дека таблата треба да биде двојазична и побарав да се смени, па еве, ако не ја сменат од Општината ниту денеска, им кажав дека ќе ја отстранам. Инаку, не станува збор за знамето на Албанија, туку за лого на Државниот архив на Албанија“, изјави Османи за „А1он“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден
Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.
Според него разликата ќе биде над 130 илјади гласови.
„Од утре продолжуваме со средби со граѓаните и тргнуваме од нула. Имаше 7 кандидати и тоа е причината што се поделија гласовите. Мојата задача ќе биде како и изминатите 20 дена, да го промовирам концептот во кој верувам. Ги охрабрувам граѓаните да излезат во втoриот круг“, кажа Пендаровски.
Додаде дека во вториот круг очекува повеќе граѓани да го прифатат концептот во кој длабоко верува.
На прашањето дали очекува понуда или префрлање на гласовите од друга политичка опција, Пенадорвски одговори дека во неговиот политички вокабулар не постои зборот понудени гласови. Како што рече, „Поголемо понижување од тоа не постои“.
„Од утре се гледаме на терен“, порача Пендаровски.
Македонија
Силјановска за убедливото водство: На пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот резултат е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста.
„Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа“, рече кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
„Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, на пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.
Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.