Македонија
По сомнежите за диверзија пет дена по назначувањето нова директорка: ИЈЗ ја проверува исправноста на реагенсите во исклучениот фрижидер

Институтот за јавно здравје денес прави проверка на исправноста на реагенсите за откривање голем број заразни болести откога вчера попладне вработените открија дека е исклучена струјата во фрижидерите во кои се чуваат. В.д. директорката Марија Андоновска се сомнева дека се работи за диверзија, но случајот е пријавен кај истражните органи и остава тие да утврдат што точно се случило и колку време фрижидерите биле исклучени.
Таа, денес, пред да објасни што се случувало вчера во Институтот, нагласи дека поминале само пет дена откако е назначена на функцијата во кои се обидува да утврди како функционира институцијата, да ги открие недоследностите за да може да се надминат.
Вчера, по истекот на работното време, некои од вработените ја известиле дека е исклучена струјата на фрижидерите со реагенси сместени во посебна соба на одделот бактериологија, а за кои осигурувачите се во ходникот низ кој поминуваат сите вработени.
„При самото доаѓање констатиравме дека се исклучени директно од осигурувачите. Има две разводни табли во тој ходник, а таму поминуваат сите што работат во овој дел. Овие две разводни табли, каде што беше исклучен осигурувачот, се разводни табли во кои има стотина и стотина осигурувачи. Беа спуштени само оние што се поврзани со фрижидерот. Дали е случајно или намерно јас не можам да знам, само констатирам и ја информирам јавноста за тоа. Ние случајот уште во текот на вчерашниот ден го пријавивме до надлежните институции и јас искрено верувам дека тие ќе си ја завршат својата работа и ќе констатираат дали ова е навистина диверзија или е случајност“, вели директорката Андоновска.
Во Институтот денес реагенс по реагенс проверуваат дали има оштетувања оти не знаат со сигурност колку време била исклучена струјата во фрижидерите. Директорката најави дека во текот на денот ќе објави официјален стручен извештај во кој ќе биде наведена исправноста на реагенсите, количината реагенси, како и сѐ на што ќе го детектираат.
Од она што директорката Андоновска успеала досега да го види е дека во исклучениот фрижидер се чувале и реагенсите за откривање голема кашлица за кои таа веќе алармира дека ги има малку, со оглед на тоа што имаме прогласена епидемија на голема кашлица.
Утрово, за исклучените фрижидери со реагенси во Институтот за јавно здравје извести МВР, а Обвинителството итно оформи предмет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.