Македонија
(Видео) По 3,6 години затвор добија функционерите на ДУИ, Гури и Алими, за уништување изборен материјал

Функционерите на ДУИ, Исмет Гури и Ејуп Алими, кои се гонеа за уништување изборен материјал, добија по 3 години и 6 месеци затвор. Ним во Кривичниот суд им се судеше вторпат откако еднаш Апелација ја укина пресудата. Судијката Марија Клетничка ги огласи за виновни бидејќи за време на локалните избори, кога се избирал градоначалник на Чаир, во група преправале списи, кои служеле за изборите и гласањето, со додавање и одземање гласови.
„Судот потенцира дека една од основните претпоставки за владеење на правото е избирачкото право. Избирачкото право претставува услов без кои не може една земја да се претстави како демократска. Ценејќи ги изведените докази, советот по советување и гласање, ја донесе следната пресуда: судот двајцата обвинети Исмет Гури и Ејуп Алими ги осудува на казна затвор во времетраење од 3 години и 6 месеци. Се задолжуваат да ги платат и трошоците на постапката“, рече судијката, која појасни дека постапила и по напатствијата од Апелација.
Таа рече сведоците во повторената судска постапка ги промениле исказите, но доказите покажуваат уништување изборен материјал. Според судијката, одбраната е дадена со цел обвинетите да избегнат одговорност, но не докажуваат нивна невиност.
„Судот ги ценеше и прифати доказите од одбраната. Но, тие не доведоа до поинаква фактичка состојба од онаа што судот ја утврди. Напротив, одбраната е спротивна на дадените докази, а дадена е со цел обвинетите да ја избегнат кривичната одговорност за предметните кривични дела. Иако преправањата на записниците не се нагодени за вештачење бидејќи се напишани со двојни повлекувања и потези, поради што од страна на кое било вешто лице не може да се анализираат општите и посебните графички карактеристики на извршените преправања, умислата и резултатот од умислата се на страна на двајцата обвинети. Наведеното беше неоспорно утврдено од страна на сведоците“, додаде судијката.
Исмет Гури и Ејуп Алими на 31 март 2020 година беа осудени по три и пол години затвор за „Титаник 3“ поради уништување изборен материјал на локалните избори во општина Чаир во 2013 година. Судијката Марија Клетничка при објавување на пресудата рече дека обвинетиот Гури е виновен затоа што за време на локалните избори во општина Чаир во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи, ги преправале записниците од гласањето. А обвинетиот Алими е виновен зашто презел противзаконски дејства за уништување изборен материјал.
Во 2021 година Апелација донесе одлука по предметот одново да се постапува. Апелација даде напатствија за правна оценка на кривичните дела за кои се гонат, да се провери и кој кое дело го сторил. Поради ова, имаше и ново вештачење, кое ги даде истите резултати како претходните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.