Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот Алијев во рамките на официјалната посета на Азербејџан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на официјалната посета на Република Азербејџан, денеска во Баку оствари тет-а-тет средба со претседателот на државата, Илхам Алијев, а беше одржан и пленарен состанок на двете делегации.
„Република Азербејџан има важна улога на меѓународната сцена, на геополитичката сцена, вклучително и поради богатството со гас, што за државите чија заложба е транзицијата кон обновливите извори, како нашата, соработката со оваа држава би имала исклучителна важност“, изјави по средбата македонската претседателка, која воедно изрази задоволство што е во посета на Баку.
Изрази очекување двете држави да потпишат декларација, што ќе води кон воспоставување или кон потпишување договор за соработка.
„Тоа нема да значи само азербејџанска помош за нас во поглед на гасот, туку ќе отвори простор и за економска соработка“, изјави таа и се заложи за укинување на визите за дипломатските и службените пасоши.
„Уште веднаш да се стави крај на онаа чудна состојба да постојат визи за дипломатски и службени пасоши. Таквата состојба, верувам, никому не му одговара, а укинувањето ќе доведе до зближување на нашите народи“, оцени таа.
Нагласувајќи го нејзиното длабоко верување во силата на културната дипломатија, во својата изјава Сиљановска-Давкова укажа на подготвеноста од натамошно продлабочување на соработката со Азербејџан во областа на науката, на туризмот, во економската сфера.
Според неа, денешната официјална посета ќе биде дополнителен поттик за натамошно јакнење на меѓусебните односи, размена на искуства и воспоставување многу поцврста соработка, пред сѐ, мислејќи на договорот за стратешка соработка.
Утрово, на церемонија со највисоки државни и воени почести, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше примена од претседателот Илхам Алијев, со што почна нејзината официјална посета на Република Азербејџан.
По средбата со претседателот Алијев, претседателката положи венец пред Споменикот на победата во Паркот на победата, а во Алејата на славните во Баку им оддаде почит на гробот на третиот претседател на Република Азербејџан, Хејдар Алијев, и на неговата сопруга Зарифа Алијева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Научно-технолошки парк ќе биде основан на техничкиот кампус на УКИМ

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување активности за основање Мултифункционален научно-технолошки парк, со цел поттикнување на постојан економски раст преку инкорпорирање на знаење, иновации и современи технологии за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Според извршените анализи, како најсоодветна локација за реализација на проектот е идентификуван техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој нуди интеграција со академската средина, услови за трансфер и комерцијализација на знаење, добра инфраструктурна поврзаност (патна, железничка, автопатска и аеродромска), како и потенцијал за привлекување компании, инвеститори и стартапи.
Планирано е паркот да се состои од една или повеќе згради со современа електрична и телекомуникациска инфраструктура, како и флексибилен и ефикасен работен простор, со цел да се создаде регионален центар за иновации, развој и вмрежување.
Дополнително, Владата, а на предлог на Министерството за транспорт, ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување со реализација на неколку улици во Општина Гевгелија, и тоа: Реконструкција на главна улица во с. Моин, реконструкција на улица „Атанас Ѓуров“ во с. Прдејци и реконструкција на улица „Иван Марков Братот“ Богородица, како и проектот: Изградба на водоснабдителен систем во с. Љубанци и с. Љуботен во Општина Бутел.
Македонија
Со потврда од матичен лекар, невработените до четврток можат да се пријават за гаснење пожари за 24.000 денари месечно

Огласот за ангажирање 400 невработени лица за помош при гаснење пожари на Владата е отворен до четврток, потсети денес Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а пријавувањето е во локалните центри за вработување.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица за оваа владина мерка најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалниот центар за вработување, во кој било град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека треба да донесат медицинска потврда од матичниот лекар, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, кои би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.
Мерката предвидува, невработените лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари, да добиваат месечна плата од 24.000 денари. Владата ја најави оваа мерка минатата недела, директорот Ангелов рече дека иако платата на прв поглед не е примамлива, постои можност за професионално ангажирање на најдобрите.
Владата ја промовираше оваа мерка за да го намали хроничниот недостаток од пожарникари. Во моментов земјава има само околу 800 пожарникари од потребните 1500.
Македонија
Од септември за прв пат образовни асистенти ќе има и во основните и во средните училишта, најмногу досега, соопшти МОН

„Во новата учебна година за прв пат образовни асистенти ќе има не само основните, туку и во средните училишта, за што, актуелната Влада предложи, а пратениците усвоија ново законско решение кое значи унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем“, велат од МОН
„Веројатно ова е болката во редовите на политичката партија СДСМ, каде откако им пропаднаа обидите да ја манипулираат јавноста со обвинувања дека од септември ќе нема учебници, сега се преориентираат и обидуваат со нови измислици да ги вознемируваат родителите и старателите на учениците со попреченост, а со тоа да влијаат на креирање на јавното мислење за работењето на актуелното раководство на Министерството за образование и наука.
МОН реагира на обвинувањата дека образовните асистенти се отпуштаат од работа и процесот на вработување се партизира, како и дека се ангажираат несоодветни кадри.
Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри, од кои, дел се поставени токму во времето кога владееше СДСМ, партијата што денес го оспорува нивното работење, додека МОН верува во нивната стручност и професионалност.
Нивниот ангажман е на определено време, а тоа е така затоа што бројот на потребен кадар секоја година е различен и зависи од потребите кои ќе ги пријават родителите/старателите на учениците со попреченост. Секој образовен асистент за секоја следна учебна година, повторно аплицира на јавен повик за да биде ангажиран.
Новото раководство на министерството иницираше проширување на нормативот за овој тип на стручен кадар, за да може да се ангажираат доволно образовни асистенти, лица со соодветно образование и да се задоволат потребите на сите редовни основни, а за прв пат и на редовни средни училишта во кои има ученици со посебни образовни потреби.
На јавно објавените огласи се пријавуваат многу кандидати, а се примаат оние кои ги исполнуваат условите и се најдобро рангирани од страна на комисиите кои, повторно напоменуваме, ги формираат училишните раководства. Како што посочивме, во најголем дел, тоа се кадри кои биле ангажирани и во изминатите учебни години, со оглед дека станува збор за област со кадровски дефицит.
Иако, примарната улога на еден образовен асистент е да обезбедува поддршка на наставникот во начинот на пристапување и задоволување на посебните образовни потреби на учениците во еден клас, сепак, ја разбираме сигурноста на родителите/старателите кога детето има образовен асистент кој целосно му е посветен само нему, секој училишен ден. И затоа, направени се измени на правната регулатива, да се излезе во пресрет на сите ученици, родители/старатели. Училиштата со ресурсни центри согласно законските прописи прават напори образовниот асистент да продолжи да работи со ученикот на кој и до тој момент му обезбедувал асистенција за полесно совладување на наставната материја и секојдневните обврски.
Напоменуваме и дека оваа година за прв пат, огласите за ангажирање образовни асистенти се објавени во месец јуни, за изборот да биде завршен пред почеток на учебната година и навремено да ја започнат својата работа во училиштата.
СДСМ со вакви неосновани обвинувања и лиферување лажни вести за да ја поткопа довербата на јавноста кон институциите, всушност го губи сопствениот кредибилитет меѓу народот. Би било добро да слушнеме некоја конструктивна идеја во следниот период и да видиме прогрес во редовите, наместо да гледаме лет во место“, соопштуваат од МОН.