Македонија
Притвор за поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски
Триесетдневен притвор му одреди велешкиот суд на поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски, поради тоа што не се појавил на рочиште за главна расправа за предметот „АКМИС“, објави Коалицијата за правично судење.
„Главната расправа се одложи поради отсуство на обвинетиот и неговиот бранител. Судот на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, велат од коалицијата.
Против Владимир Панчевски уште пред една година беше поднесен обвинителен предлог од страна на скопското обвинителство, за злоупотреба на службената положба во врска со системот за управување со судските предмети (АКМИС) во кривичниот суд.
Судењето се одложува повеќе од 9 месеци и досега не е почната ни главната расправа.
На Панчевски треба да му суди велешкиот суд, за да се избегне евентуална пристрасност бидејќи тој претходно раководеше со кривичниот суд во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

