Македонија
(Видео) Протест пред Врховен: „Но пасаран“ побара одговорност од 44 судии за корумпирани пресуди во корист на БЕГ

Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ денеска пред Врховниот суд во Скопје одржа мирен протест против, како што велат, криминалното и корумпирано судство.
Пред судот јавно беа прочитани имињата на 44 судии од Основниот суд 2 и од Апелациониот суд за кои од здружението сметаат дека спротивно на законот воделе судски постапки и носеле решенија со кои ги оштетиле граѓаните.
Активистите од „Но пасаран“ на денешниот 180-ти протест побараа оставки од одговорните лица и прием за разговор во Врховниот суд за одлуките на Апелациониот и на Основниот суд 2 за случаите со граѓаните што се откажале од парно греење, а сè уште им пристигаат сметки за плаќање. Речиси 40 илјади граѓани во Скопје се засеганти со овој проблем, а нивните предмети за кои имаат поднесено жалба со години се заглавени во судските лавиринти.
„БЕГ товари граѓани неосновано и незакониски, без материјална и формална исполнетост на услови за учество во правниот, трговскиот и финансискиот промет во Република Македонија преку нотари што прифатиле да донесат решение со кое се дозволува извршување врз основ на наводна веродостојна исправа“, велат од здружението.
Оттаму тврдат дека некои од судиите во прв степен носат пресуди во корист на граѓаните, но невозможно е тие да поминат пред Апелациониот суд бидејќи, според нив, тој ги преиначува првостепените пресуди или ги потврдува пресудите што се во корист на БЕГ, иако не е исполнет ниту еден услов за такво нешто.
„Недозволиво е да се носат пресуди против граѓаните врз основа на одредба што не е во правниот промет, член 66 од правилата за снабдување со топлинска енергија на Регулаторната комисија за енергетика за што во три наврати во 2013, 2016 и во 2017 година Уставниот суд на РМ во своите решенија за одбивање иницијатива на подносителите за укинување на овој член во образложенијата јасно навел дека не поведува иницијатива бидејќи членот не е во правниот поредок на Република Македонија од 1.10.2012 година, а БЕГ е формирана подоцна, односно на 31.12.2012 година и врз основа на член 53 од истиот правилник не смее да се употребува ретроактивно“, велат од „Но пасаран“.
Тројца претставници од здружението денеска ќе бидат примени од страна на претседателството на судот, пред кои ќе ги образложат проблемите и ќе се обидат да најдат заеднички јазик за решавање на ситуацијата со која се борат веќе неколку години.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.