Македонија
Ресенци алармираа: Преспа годишно има по 250 новозаболени од карцином, се бори со стерилитет и со проблеми со тироидната жлезда, а тоне во ѓубре

На Преспа ѝ треба заедничка акција, која ќе тргне од граѓаните, а ќе ја продолжат институциите и од локаната и од централната власт за да се дојде до почиста животна средина, која значи здравје за целиот жив свет, е заклучокот од денешната панел-дискусија „Здрава средина, здрав живот“ во Ресен, организирана по повод Меѓународниот ден за животна средина и здравје – 26 Септември. Учесниците на дискусијата без задршки зборуваа за проблемите што ги предизвикува колективната негрижа за животната средина. Директорот на болницата за респираторни заболувања, Благоја Китановски, даде загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.
„Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином, иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на Републиката. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба, ние правиме редовни скрининзи за рак на дојката и за колоректален карцином, кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион“, рече директорот Китановски.

Ресенци без задршки зборуваа за проблемите
Неговиот став е дека вината за состојбата со заболувањата еднакво ја дели човечкиот фактор со негрижата за животната средина и климатските промени, кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во него, а од таму и на луѓето.
Билјана Стојаноска, која учествуваше на панел-дискусијата како претставничка на аптекарите, го дополни директорот Китановски со уште позагрижувачки податоци.
„Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, за стерилитет, за алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво“, рече Стојаноска.
Таа со личен пример потврди дека не е мала бројката на заболени од карцином во овој регион. Пред десет години ѝ бил дијагностициран рак на тироидната жлезда, го излекувала, а сега има рецидив – овој пат на дојката.
„До кога е молчиме за ова“, јавно праша Стојаноска на панел-дискусијата.
Давид Здравески во име на Институтот за јавно здравје најави редовен мониторинг на воздухот, водата, храната, почвата и на бучавата во Преспа.
„Наша должност и обврска е откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошките испитувања, да дадеме препораки, кои локалната самоуправа има обврска да ги спроведе. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме, останува граѓаните да ги почитуваат“, рече Здравески.
Една од главните препораки за ресенци од Здравески е да носат респираторни маски не само кога одат во овоштарниците за прскање туку и кога го подготвуваат материјалот за прскање.
Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод – Охрид, рече дека Преспанското Езеро забрзано старее во споредба со другите природни езера, што се гледа преку прекумерното цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди, кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.
„Промените што ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги, кои го загрозуваат животот во езерото, но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба“, рече директорката Тасевска.
На панел-дискусијата како претставник на Општината присуствуваше Ајман ал-Мала од секторот за животна средина. Тој за в година најави измена на низа закони за животната средина, но нагласи дека промената треба да почне од секој од нас.
„Доста веќе се организира чистење диви депонии. Тоа треба да се укине. Треба да тргне секој од себе, од дома, од семејството, па понатаму да дејствуваат и институциите“, рече Ал Мала.
Тој детаљно зборуваше за сите акции што Општина Ресен во моментот ги презема за расчистување на депониите, за селектирање на отпадот и за најавеното компостирање.
Панел-дискусијата ја организира Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хуманитарен пикник за вработените во „Алкалоид“: Донирани околу 1,8 милиони денари за лицата во третата доба

Поттикнати од вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во хуманост, солидарност и во грижа за заедницата, над 4.000 вработени, членови на нивните семејства и пријатели на компанијата ја продолжија хуманата мисија, која единаесетти пат се спроведува под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, оваа година визуализирана преку симболиката на балон со топол воздух, илустриран на специјално дизајнираните маички за овој повод, преку кои вработените на „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели собраа околу 1,8 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на Црвен крст на Град Скопје, а ќе се наменат за поддршка на социјалните сервиси за стари лица.
„Постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството. Со нашата помош на активностите и иницијативите на Црвен крст на Град Скопје насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, а токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ и Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје (ЦКГС) Сузана Тунева-Пауновска истакна: „Една од мисиите на ЦКГС е да им помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост. Нивните предизвици се големи – осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии – но затоа сме тука ние. Преку домашните посети, уредот Итно копче, санитетскиот транспорт и преку дневните центри за активно стареење им овозможуваме поддршка, сигурност и соодветна грижа. Но, оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Со ’Алкалоид’ знаеме дека не сме сами – нивната поддршка ни овозможува да продолжиме со поголема храброст и енергија и да реализираме повеќе активности, акции и
иницијативи. Заедно можеме повеќе!“.
Во насока на вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во
хуманост, солидарност и грижа за заедницата, компанијата има воспоставено долгогодишно
хуманитарно партнерство со Црвен крст, поддржувајќи ја оваа хуманитарна организација како во
делот на социјално-хуманитарната дејност и справувањето со кризи и катастрофи така и на полето на крводарителството.
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е
одржан на 3 септември 2011 година.
Македонија
Алиу вели дека во здравството се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време

Министерот за здравство Азир Алиу ги поздрави учесниците на синдикалната школа организирана од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Како што информираат од Министерството за здравство, Алиу истакнал дека ја реафирмира заложбата за синдикатите како искрен партнер во градењето на подобар здравствен систем.
– Особено инспиративна е темата „Синдикализам во здравството: правата не се даваат – се освојуваат“, па оттука сакам да ја реафирмирам нашата заложба дека синдикатите се наш искрен партнер за подобар здравствен систем. Сакам да ве охрабрам за уште позајакната соработка, мојот кабинет е секогаш отворен за сугестии, идеи, забалешки, бидејќи заедно сме уште подобри, вели Алиу.
Во соопштението се наведува дека се реализирани над 1.250 вработувања во рекордно време и дека е спроведен процесот за вработување приватни специјализанти, со што е решен, велат, деценискиот егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници.
– Министерството за здравство покажува дека го почитува достоинството на сите медицински лица. Воедно, останува отворено за натамошна соработка со синдикатот. Заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излеземе во пресрет на здравствените работници, и секако на пациентите, стои во соопштението.
Македонија
Претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат во САД, обвини Филипче

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната регионална конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“, во организација на Институтот Прогрес, истакна дека под водство на актуелната власт, се случува досега невиден дипломатски дебакл.
-Тотална дипломатска изолација на состанокот во ОН, претседателката се среќава со најниско рангираниот дипломат од Соединетите Американски држави. Ваков дебакл дипломатијата до сега нема доживеано, рече тој.
Филипче го опиша ова како симболична, но многу сериозна потврда за тоа каде се наоѓа денеска државата на меѓународната сцена. Според него, Македонија од земја што беше призната и поддржана од клучните стратешки партнери, денес е држава што единствено добива внимание на маргините, без реално политичко влијание, без сериозни разговори и без почит.
-Се сѐ сведува на правење селфија со некои дипломати по ходниците на големите светски институции, рече Филипче, додавајќи дека патот кон НАТО и ЕУ не бил лесен и не бил без политичка цена, но дека тој пат вредел и бил правилен.
Во продолжение од обраќањето, Филипче истакна дека разликата меѓу поранешната и сегашната власт е токму во тоа што СДСМ секогаш го ставала интересот на државата пред партиските калкулации.
-И сега тоа е само еден дополнителен поттик да се бориме и да им кажеме на граѓаните дека нашите политики беа добри, беа во интерес на државата, на граѓаните, не водевме сметка, не ставаме на кантар дали ќе изгубиме дел од својот политички рејтинг, затоа што вредеше државата да оди напред, да се реши деценискиот проблем со името, да станеме земја членка на НАТО, рече лидерот на СДСМ.
Филипче посочи дека со оваа актуелна власт европскиот пат е запрен, институционално и суштински, потенцирајќи дека оваа влада не сака да го продолжи европскиот пат.
Како што нагласи, недостасуваат лидерство, храброст и визија за иднината на државата, а власта бега од тешките одлуки и ги сведува сите надворешни ангажмани на површна слика за јавноста без реална содржина.