Македонија
(Видео) Рускиот амбасадор: Македонија избрза, народите ги врзуваат вековни врски
Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, кој попладнево присуствуваше на собирот за поддршка на протераниот руски дипломат, изрази благодорност за поддршката и за, како што рече, чувството на правда кое присутните го покажале пред амбасадата.
„Со големо жалење морам да кажам дека Македонија се приклучи кон анти-руската кампања која ја спроведуваат неколку држави, а тоа го направи без да истражи. Избрзано, повикувајќи се на лажното чувство на солидарност кон Велика Британија, донесе одлука за протерување на рускиот дипломат кое се случи вчера. Овој чин е преседан, а нанесува голема штета на билатералната соработка. Русија согласно со меѓународните норми мораше да преземе мерки“, рече Шчербак.
Амбасадорот изјави дека Русите разбираат оти овој чин не е на македонскиот народ кон нивната земја и истакна дека провокативните фејк вести според кои Русија се заканува да застане против интересите на Македонија се злонамерни и неточни.
„Со народот на Македонија нè врзуваат вековните врски и општите заеднички вредности. Ние ја признаваме Македонија под уставното име, а го признаваме и вашиот територијален интегиритет и независноста на земјата“, рече Шчербак.
Собирот беше организиран од страна на партијата Единствена Македонија, која се залага за блиска соработка со Русија и е против идејата за приклучување на земјата кон ЕУ и НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Крајно време е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава
Новиот Закон за високото образование не дискриминира. Тој бара меритократија, модуларност, повеќе практична настава, интернационализација и поголема соработка, поголема видливост на универзитетите и професорите, фокус на стручни студии и усовршување на вештини што досега ги немало во земјата, интензивирање на учеството на бизнис заедницата во дизајнот на студиските програми и нивна евалуација за адаптација на потребите на пазарот на труд. Законот се базира на политиките на оваа Влада за јавниот интерес на сите граѓани и на оваа држава. Крајно време и е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава. Универзитетот нема задача само да направи добар стручњак, тој треба да направи одговорна морална личност. За да може тоа да го направи, квалитетот на високото образование треба да се зголеми. Имаме консензус во државата по ова прашање.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната собраниска седница, во одговор на пратеничко прашање, појаснувајќи дека условот за објавување на трудови во двете реномирани бази на научни списанија, Web of science и Scopus, бидејќи се однесува на сите универзитети, не дискриминира никого.
Јаневска рече дека в петок ќе се состане работната група за Законот за високото образование и ќе одлучи за дел од забелешките што беа дадени во текот на јавната расправа, а дел од предлозите се веќе имплементирани.
Во врска со укажувањата поврзани со автономијата на универзитетот, министерката одговори дека не се задира во неа, а дека проблем за дел од професорите е што со новиот закон ќе треба да профункционира Советот на универзитетите.
„Советот постоел и во претходниот закон, но не бил формиран, затоа што постоеле луѓе кои се плашеле да го формираат. Тоа е орган или тело, ќе се договориме како ќе се вика, чија главната улога е отчетност, да види што и како работат универзитетите. Не може универзитетите да се надвор од правниот систем. Советот бара отчетност како се трошат јавните парите, како функционира универзитетот, дали го исполнил својот план што тие сами ќе го предложат“, рече Јаневска.
За правото на министерот да запре одлука на Сенатот ако утврди дека некој акт на универзитетот е противзаконски, рече дека е со точно пропишани услови, но дека дополнително побарала од правниците, професори по право да го дефинираат овој член и предлогот да го достават до МОН.
Македонија
Мицкоски нема одговор на прашањето кој е Адамовиќ, повторно Харис Џиновиќ и Дубаи, велат од СДСМ
Денеска, во Собранието, граѓаните имаа можност да го видат видно изнервираниот Христијан Мицкоски на говорница, истакнуваат од СДСМ.
„Покажа голема нервоза а немаше одговори на прашањата од претседателот Филипче. Нема одговор Кој е Душан Адамовиќ? Како е избран за почесен конзул на Македонија во соседна Србија и кои критериуми се испочитувани? На неговиот Твитер-профил видовме дека за Македонија вели „Српска Македонија“ била окупирана? Дали со тоа го исполнил критериумот за „докажан пријател“ на нашата држава? Имајќи предвид дека неговиот автомобил му беше дигнат во воздух, а потоа му беше и пукано во нозете, дали АНБ направило проверка“.
Од опозициската партија додаваат, како член на навивачка група, не делува дека може од МВР да добие потврда дека немал кривични пријави или судски постапки.
„Кое професионално делување има, освен што е високо позициониран во вашата сестринска партија СНС? Покрај бројните афери со кои се поврзува, непостоечка биографија и отсуство на каков било бизнис освен политиката. Адамовиќ се фали со свои контакти и врски во Русија. Дали е тоа исполнет критериум? Како држава членка на НАТО, дали Македонија има потреба од човек кој има врски со Москва, особено сега кога Русија е под санкции од целата Европска Унија“.
Заклучкот, како што велат е јасен. Очигледно , според нив, дека именуваниот Душан Адамовиќ не ги исполнува клучните критериуми за да биде поставен за почесен конзул.
„Со оглед дека во вторник во Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, што ќе каже Мицкоски за Стоиљковиќ и „Ноќните волци“, или за тоа дека Владата дала одлука за почесен конзул на човек кој на социјалните мрежи се фали со своите контакти во Москва?
Мицкоски треба да одговори каков однос има со Душан Адамовиќ и зошто е избран за конзул?
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.

