Македонија
Русковска за Рашковски: Ќе докажеме дека системот не бил за граѓаните, туку за материјални интереси

Обвинителката Вилма Русковска го уверуваше судот дека ќе докаже како ексгенералниот секретар набавувал два софтвера, кабини и камери, без тие да бидат потребни, ниту со можност да се имплементираат.
Според Русковска, Рашковски набавувал од фирмата на Даниел Станчев, па постојано му кажувал како течела јавната набавка, а кога се наддавало, Рашковски, иако не смеел, му кажувал и со која цена да настапи фирмата „Инвока груп“, каде што Станчев е управител. За неа, изборот јавната набавка да ја добие токму оваа фирма не е случајно бидејќи откога е основана, најголемиот број од приходите се од Генералниот секретаријат на Владата.
Обвинителката е децидна дека Рашковски водел и директна контрола врз фирмата на Станчев со кого се знаеле од порано. Рашковски имал псевдоним, кој Русковска не го откри.
„Теоријата на моќ, еквиваленција, жртва и теоријата на суверенитет, која е доминантна во 21 век. Секој граѓанин треба да придонесува со своите средства за државата. Секој граѓанин е должен да обезбедува дел од својот приход, а народот очекува рационално да ги троши нивните пари. Ќе го увериме судот дека Драги Рашковски како генерален секретар на Владата нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел народните пари за набавка, кабини, софтвери, камери, кои не се користат и три години по нивното набавување. Дел не се наоѓа ниту во Владата. Ќе докажеме дека Рашковски ја злоупотребувал функцијата за свои цели. Софтверот не се користи и по две години од набавката. Дали може и воопшто да се користи при постоење законска регулатива, факт што му бил познат на обвинетиот при набавка на софтверот, кој Обвинителството ќе го докаже. Ако се имаат предвид законските одредби и надлежности на Генералниот секретаријат, јасно им е на сите дека тој нема надлежност да снима и издава казни за возење со брзина поголема од дозволената. Овде има друга заднина, а тоа е патентот на Драги Рашковски, односно неговиот личен интерес. Софтверот е нефункционален и затоа не се користи. Софтверот е предаден во 2020 година кога требало да се имплементира. Обвинителската постапка е почната пред не цела година, па ако тој можел да се стави во функција, имало време тоа да се направи, но очигледно е дека тоа не било вистинската цел со набавката на овој софтвер. Оваа постапка придонесе граѓаните да дознаат дека биле потрошени над четири милиони денари за нешто што било заборавено и не било ставено во функција, а интервенциите во софтверот се правеле по објавувањето на овој настан“, изјави Русковска.
Тука, според Русковска, имал помош од обвинетите Игор Христов и Ивица Димитровски, кои постапувале според напатствија од Драги Рашковски. Па, така, набавен бил уште еден софтвер, овој пат за биометриска идентификација. Тој ниту денес не се наоѓа во Владата, а ниту кабините што Рашковски ги набавил, тие стојат во поранешната фабрика „Стаклара“ и не се користат. Русковска рече дека се набавувале софтвер и кабини, кои ги карактеризира како скапи и непотребни. Системот за биометриска идентификација бил изработен од Ивица Димитровски пред предметната постапка заедно со камерите и кабините, па Рашковски заедно со Димитровски направил и спецификација за јавна набавка. Потоа фирмата „ГБЦ системи“ на Игор Христов, без да ги добие спецификација, се понудила да ги набави, тврди Русковска. Со парите од набавката, според обвинителката, се набавило возило „волво“ за кое овластена да го управува била неговата сопруга.
„Обвинителството дојде и до сознанија за набавка на систем од страна на генералниот секретар, а кој повторно ниту една институција не го барала, ниту се користел, а тоа е системот за биометриска идентификација вреден над 6,5 милиони денари. Ќе се докаже дека обвинетиот, помогнат од Ивица Димитровски, почнал со креирање систем за издавање биометриски документи, а за кој надлежно е МВР. Фактот им познат на двајцата обвинети. Дека и овој систем не бил за граѓаните, туку за материјалните интереси на обвинетите, ќе се уверите од доказите преку кои ќе се утврди дека овој систем воопшто не се наоѓа во зградата на Владата иако е исплатен во целост. Покрај докази за ваквите факти, ќе докажеме дека системот иако не се наоѓа во зградата на Владата, за него Рашковски им исплатил 610 илјади денари на вработените за користење на системот, а дополнителни пари се потрошени за тестирање на системот. Ќе произлезе и дека обуки не биле спроведени ниту, пак, можел системот да биде тестиран кога тој не бил завршен и имплементиран“, рече Русковска.
Со помош на Ирена Ивановска ги ангажирал Игор Ивановски и Маја Сиљановска, коио не исполнувале никаков договор, туку исплатените средства на нивните сметки ги ваделе во готовина и му ги давале на Драги Рашковски, посочи Русковска. Двете лица, според обвинителката, биле блиски од доверба на Ивановска.
„Дека Сиљановска не ги исполнувала работните обврски, ќе се уверите дека Ирена Ивановска, која стои во извештаите за работните ангажмани, па таа во седми месец ги креирала извештаите за претходните четири месеци. Обвинителството ќе докаже дека Сиљановска за секој месец изготвувала извештаи, ги праќала кај Ивановска, па добивала пари од авторска агенција, па преку Ивановска ги предавала на Рашковски. Кога му се брзало на Рашковски да ги добие парите, Ирена давала свпи пари додека тие да стигнат. Вкупните хонорари се 1.320.000 денари. Покрај овие хонорарци, кои не извршувале работни обврски, обвинетиот Ивица Димитровски, кој бил вклучен во набавката на софтверот, исто така враќал пари кај Рашковски. 5 спрема 3 предавал пари“, рече Русковска.
Според неа, со нелегалните пари Рашковски плаќал школарина, уплаќал на сметките на своите деца. Таа посочи дека Рашковски со тие пари предвремено исплатил и кредит.
„Стекнал имот и предмети без да троши пари од својата трансакциска сметка. Обвинетиот Рашковски враќал предвремено кредити, купувал имот од наводни позајмувања, но Обвинителството ќе докаже дека тоа се наводни позајмувања, а не легални“, додаде Русковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.