Македонија
Сакал да шверцува 15 илјади австралиски долари и 10 илјади евра, го фатиле граничарите на Ќафасан

Запленети се 15.050 австралиски долари кога македонски државјанин на влез во државата на граничниот премин Ќафасан кај царинските службеници пријавил само две илјади долари, иако со себе носел поголема сума девизи, известува Царинската управа.
„Поради сомневање, царинските службеници пристапија кон личен претрес, при што во рачната чанта му пронајдоа 10 илјади евра и 15.050 австралиски долари“, се додава во соопштението на Царинската управа.
Во согласност со Законот за девизното работење на патникот му се вратени 10 илјади евра, а преостанатите се задржани и во согласност со регулативата ќе бидат предадени во Народната банка. Против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок до надлежниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Националната мрежа против насилство врз жени со најостра осуда на бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осудува денешниот срамен и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски
при увид на локација со дивоградба.
„Овој напад претставува флагрантно кршење на човековите права, напад врз достоинството на жената и грубо поткопување на институционалниот интегритет. Тоа е атак не само врз една жена на јавна функција, туку и врз основните темели на правната држава и демократијата. Бараме итна, темелна и непристрасна истрага, како и најстрога санкција за сите вклучени сторители. Државата мора да испрати јасна и недвосмислена порака дека насилството – без разлика врз кого е насочено – е неприфатливо и нема да се толерира“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените.
„Како мрежа која повеќе од една деценија се залага за искоренување на родово базираното насилство, остро алармираме за растечките трендови на говор на омраза, деградација и физички напади врз жени, особено оние кои се активни во политиката и јавниот живот.
Жените политичарки сè почесто се цел на закани, омаловажување и насилство, особено на социјалните мрежи, создавајќи средина на страв и самоцензура.
Резултатите од истражувањето на Националниот демократски институт и Охридскиот институт од 2020 година покажуваат дека 65% од жените во политиката во Македонија доживеале некаков вид на насилство, додека 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите, и покрај нивниот јавен ангажман.
Оваа реалност мора да се промени. Насилството не смее да биде цена што жените ја плаќаат за јавно учество. Потребни се итни системски мерки, силна политичка волја и јавна осуда од сите општествени чинители.
Само преку решителна, гласна и солидарна реакција можеме да изградиме општество во кое секоја жена, без разлика на нејзината позиција, ќе биде безбедна и подеднакво вклучена“, соопшти Националната мрежа против насилство врз жените.
Македонија
Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда, вели Филипче

„Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите“, напиша претседателот на СДСМ, Венко Филипче на социјалните мрежи.
„И не се работи само за напад врз градоначалничката и службениците од Градот. Се работи за тоа дали секој од нас може без страв да се спротивстави на криминалот.
Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво.
За една година безбедносната состојба во државата катастрофално се влоши. Безбедноста на граѓаните, правдата, заштитата од институциите практично не постојат. Ова е нешто што треба сериозно сите да нè загрижи.
Барам итно да се осудат насилниците и барам итно да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот“, додава Филипче.
Македонија
Пет активни пожари на територијата на државата, извести ЦУК

Денеска, до 18:30 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пет пожари:
Општина Дојран – село Николич (нискостеблеста шума)
Општина Гевгелија – село Прдејци (ниска вегетација)
Општина Струмица – село Старо Балдовци (ниска вегетација)
Општина Ресен – село Перово (овоштарник)
Општина Велес – село Џидимирци (мешана шума)
Под контрола 6 пожари:
Општина Македонски Брод – село Рамне – село Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод – село Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод – село Слатина кај Слатински извори (нискостеблеста мешана шума)
Општина Македонски Брод – во кругот на фабриката СУМБРО (ниска вегетација)
Општина Македонски Брод – помеѓу село Црешнево, село Крапа и село Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Чучер Сандево – помеѓу село Блаце и село Горњани, м.в. Рамна шума (шумски пожар)
Локализирани 6 пожари:
Општина Прилеп – село Бешиште, м.в. Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Свети Николе – село Делисинци (ниска вегетација, стара напуштена куќа)
Општина Теарце – село Непроштен (ниска вегетација)
Општина Старо Нагоричане – село Никуљане (мешана шума)
Општина Старо Нагоричане – село Ругинце (ниска вегетација)
Општина Чашка – под Солунска Глава, помеѓу м.в. Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, каде нема активен пламен, туку чад во карпест дел (шумски пожар)
Изгаснати се 8 пожари:
Општина Чучер Сандево – кај црквата Св. Тројца (ниска вегетација)
Општина Македонски Брод – село Белица (нискостеблеста шума)
Општина Велес – ул. Јордан Џурнов (ниска вегетација)
Општина Куманово – кај хотелот Куба, м.в. Преовце (ниска вегетација)
Општина Демир Хисар – село Кутретино (ѓубриште)
Општина Сопиште – село Света Петка (ниска вегетација)
Општина Кавадарци – ул. Црноречка (ниска вегетација)
Општина Струмица – село Иловица (меѓа од гранки)