Македонија
Сведок на СЈО: Знаевме каде и како Мијалков и Грујевски се логираат за да прислушуваат

Сашо Трајковски, инженер во поранешната УБК, сведок на СЈО во предметот „Таргет – Тврдина“, во исказ пред судот рече дека со колегите гледале како ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, од своите компјутери се логираат на системот за следење на комуникациите.
„Се логираа од компјутери што беа поврзани на системот ‘Најс’“, рече сведокот пред судот.
Трајковски на прашање на СЈО рече дека Мијалков и Грујевски се најавувале од четвртата зграда во МВР од првиот кат, каде што бил кабинетот на директорот на тајната полиција, и од третата зграда од првиот кат во т.н. началничка канцеларија за што во системот биле генерирани соодветни букви кои асоцирале кој од каде се логира да следи.
Трајковски, кој е трет сведок на СЈО во постапката, ги појаснуваше значењата на корисничките имиња преку кои се логирале корисниците на овој систем. Тој рече дека броевите што требало да бидат ставени на системот за прислушување биле давани на обично ливче, а во најмалку еден случај за тоа видел писмена наредба, т.е. одобрение од суд.
Сведокот рече дека Мијалков и Грујевски можеле да ги слушаат разговорите и да ги гледаат сите таргети што биле ставени во системот на групата наречена „важно“, но не можеле да маркираат броеви и да ги експортираат податоците.
Првото рочиште за предметот се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката беше закочена неколку месеци поради сослушување на првите двајца сведоци на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.
Обвинението за овој предмет СЈО го подигна на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.