Македонија
Сведоштво за несреќата кај Ласкарци: Под автобусот имаше заглавено дете кое бараше помош
Во кривичниот суд во Скопје со сослушување на сведоците и оштетените за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, која се случи во февруари, продолжи судскиот процес за обвинетите во случајот.
Прва за несреќата сведочеше 22-годишна девојка која се здобила со фрактури и тешки телесни повреди. Таа не се сеќаваше на детали од несреќата бидејќи се онесвестила по ударот во првата ограда. Рече дека се приклучува на кривичното гонење и бара отштета.
Вториот сведок, Музафер Зибери, кој живеел покрај автопатот на стотина метри од местото каде што се преврте автобусот, рече дека го слушнал звукот на ударот во оградата и видел како се превртел автобусот.
„Бев во дворот на куќата каде што падна автобусот. Го видов како се преврте и се стрчав веднаш со детето на брат ми. Веднаш го зедов возилото, за една минута бевме таму. Кога пристигнав автобусот беше во нива превртен со тркалата нагоре“, рече Зибери.
Се присети дека имало чад и извици и го изнел веднаш апаратот за прва помош.
„Под автобусот имаше дете заглавено со нозете и викаше за помош. Говореше на телефон со татко му од Гостивар – ‘Тато дојди да ми помогнеш’“, се присети сведокот.
Зибери рече дека прво во автомобил го качил шоферот на автобусот заедно со уште двајца патници и ги однел во болница. Првин не знаел дека станува збор за шоферот, но потоа дознал. Сведокот кажа дека додека ги возел кон болницата, шоферот го удирал по ногата и му велел да вози побавно.
Обвинети за несреќата кај Ласкарци се сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, вработениот во компанијата „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, машинскиот инженер Игор Ѓорѓиевски и возачот Маноил Трифуновски.
На обвинетите им се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Во сообраќајната несреќа загинаа 16 луѓе, а 38 беа тешко повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

