Македонија
СДСМ: Наставниците да се водат од интересите на децата, ВМРО-ДПМНЕ да престане со партизација на штрајкот

Јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците, но во интерес на учениците, особено сега, дури и во услови на пандемија, е продолжување на континуитетот на наставата. Правото на образование е уставно загарантирано право на секое дете. Затоа ги повикуваме наставниците интересот на децата да го стават на прво место, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека Владата предводена од СДСМ секогаш имала слух за наставниците. Во изминатите 3 години во три наврати им ги зголемивме личните приходи на наставниците за 21 %.
Платите на вработените во градинките се зголемија повеќе од 21 %, што во просек значи покачување од 4.300 денари за негувателките до 5.700 денари за воспитувачките, што е историски најголемо покачување досега за овој кадар.
Со растот на минималната плата следува усогласување на сите плати во согласност со Законот за минималната плата.
Во исто време кога ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира законот за наставници, кој обезбедува, меѓу другото и поголеми плати, врши политизација на штрајкот на СОНК на штета на наставниците и на учениците.
ВМРО-ДПМНЕ да престане со партизација на штрајкот. Тоа е последната партија што може да зборува за образование или за плати на наставниците.
Решенија се возможни само преку социјален дијалог на синдикатите и надлежните институции.
Заеднички да се обезбедат одржливи решенија во врска со зголемување на платите на наставниците и унапредување на нивниот економско-социјален статус, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Взаемната доверба со Ватикан е потврдена преку заедничкото историско, културно и религиско наследство

Посетата на Ватикан и средбата со Папата е една од централните активности за време на чествувањата што секоја година во Рим ги организираме по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај Папата Францискo, Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.
„Овој историски настан беше потврда за високото ниво на взаемна доверба, разбирање и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Ватикан. Нашата соработка и признание од страна на Ватикан е потврдена со тоа што ликовите како што е Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, кои се дел од нашето заедничко наследство, Ватикан ги прогласи за покровители на Европа. Оваа прилика сакам да ја искористам и да ги потенцирам темелните историски и културни врски меѓу Северна Македонија и Ватикан како движечка сила за унапредување на нашата соработка во повеќе области“, нагласи Ковачевски.
Појасни дека е отпочната иницијатива за потпишување на договор, односно конкордат помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, со кој, како што најави, ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во области од взаемен интерес.
„Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошно унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата, конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Информира дека средбата со Папата Франциско и средбата со државниот секретар Паролин, биле искористени за разговор околу можностите за соработка во областа на високото образование со институтите на Ватикан.
„На мое огромно задоволство со Папата Франциск се согласивме дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување и политики. Во овој контекст би сакал да потенцирам дека почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија“, вели Ковачевски.
Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје поради посетата на делегација на СПЦ

Поради официјална посета на делегација на Српската православна црква, утре Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, при што за сообраќај ќе бидат затворени бул. „Партизански одреди” од крстосница со ул. „Аминта Трети” до крстосница со бул. „ВМРО” и ул. „Св.Климент Охридски” од крстосница со бул. „Илинден” до крстосница со ул. „Димитрие Чуповски” во Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
(Видео) Божиновска: ДКСК да постапи по незаконското поставување на Велковски за секретар на Град Скопје

Огромен скандал е назначувањето на Ѓоко Велковски за секретар на Град Скопје од страна на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Поставувањето на Велковски на оваа позиција е очигледно прекршување на законите, односно спротивно на член.44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Велковски во исто време е и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир, за што добива месечен надомест од околу 18.000 денари. Неговата плата во Град Скопје е околу 50.000 денари, што значи дека Велковски од парите на граѓаните месечно добива околу 68.000 денари, изјави на денешната прес-конференција Лилјана Божиновска, советничка во Советот на Град Скопје.
СДСМ ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по ова очигледно прекршување на законите, случајот да биде расчистен а одговорните да бидат соодветно санкционирани согласно законите.
Божиновска истакна дека Велковски мора или да биде разрешен од функцијата Секретар на Град Скопје или да го врати советничкиот мандат, а Арсовска мора да одговара за ваквото незаконско и самоволно постапување.
Уште еднаш се докажа дека освен груба партизација на градската администрација, Арсовска ништо друго не работи.
ВМРО-ДПМНЕ не се менува, продолжува со истата режимска матрица, продолжува да ги прекршува законите и да работи на штета на граѓаните, изјави Божиновска.