Македонија
СДСМ: Стратегија за следните 20 години постои, во неа учествуваше и ВМРО-ДПМНЕ
Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието. ВМРО-ДПМНЕ беше дел од тој процес а нивните пратеници учествуваа во изработка на стратегијата, велат од СДСМ преку соопштение.
Овој документ, истакнуаваат од партијата, е резултат на широко и инклузивно учество, кое вклучува над 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, како и деловни и граѓански организации. Дополнително, над 1.500 млади и претставници на ранливи групи активно допринесоа за креирањето на стратегијата.
„Оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, којa ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој. Собранието е местото каде што се води дијалогот и се оформуваат политиките на државата, и СДСМ останува посветена на неговото значење како клучен демократски форум.
Најавите на Христијан Мицкоски за „обединување“ околу „нова стратегија“ се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Стрсатегијата тој ја има на маса, треба да покаже дела а не само празни зборови.
Наместо навистина да се обединиме околу заедничките стратешки приоритети, сведоци сме на популистички изјави, кои не ги одразуваат потребите на граѓаните. Четири месеци наназад, Мицкоски не понуди ниту една мерлива цел или конкретен план во важните области, што ги остави граѓаните со празна реторика и без насока за иднината.
СДСМ во континуитет бара сериозен и одговорен пристап во политиката.
Граѓаните заслужуваат проекти кои ќе го подобрат животниот стандард, ќе ја зголемат безбедноста и ќе ја обезбедат иднината во рамки на ЕУ и НАТО. СДСМ апелира до ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека обединувањето околу заеднички цели бара реална визија и лидерство, не само политички флоскули. Додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со повици без содржина, државата и граѓаните остануваат без конкретна поддршка за напредок. СДСМ ќе продолжи да се залага за долгорочни решенија кои ќе овозможат стабилност и просперитет за сите“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Извлечено возилото кое излета од патот и падна во Вардар
Возилото кое излета во Вардар во близина с. Рашче е извлечено.
Од него се извадени телата на три женски лица.
Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува, информира ЦУК.
Македонија
Магла кај Неготино и Демир Капија, сообраќајот се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.
Намалена видливост поради пoјава на магла има кај Неготино до 30 метри и Демир Капија до 50 метри.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во Струмица загаден воздух и надминат праг на алармирање, стапија мерки во сила
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни дена) е надминат на мерното место Струмица.
Прагот на алармирање е дефиниран во уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183 од 14.12.2017 година).
Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на ПМ 10 на мернoто место и деновите во кои има појава на надминување на прагот на алармирање.
Согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки:
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.