Македонија
Сексуални работнички со танц на излозите на Универзална си ги побараа своите права

Со еротски танц под црвено светло пет сексуални работнички вечерва од излозите над влезот на Универзална сала во Скопје го одбележаа 17 Декември, Меѓународниот ден против насилство врз сексуалните работници, кој изминативе 13 години се одбележуваше со „Марш на црвени чадори“.
И покрај пандемијата и студот, платото пред Унивeрзална се наполни со публика, која гласно реагира на движењата на девојките во излозите. Меѓу насобраните имаше и такви што на колена застануваа пред девојките, им испраќаа бакнежи, го имитираа нивниот танц од платото и правеа селфи.
„’Танцот во излози’ или ‘Скопје ред лајт дистрикт’ се одржува вторпат, првиот беше во 2017 година. Се враќаме по три години во пооригинално светло. Ова е уметнички перформанс, кој има цел да ги отсликаат шармот и духот на улицата на црвените фенери во Амсtердам. Со овој уметнички перформанс се бориме да покажеме дека и сексуалната работа е работа, сексуалните рабoтници се работници и треба да бидат прифатени како такви“, вели Борче Манев-Божинов од „Стар стар“.
Изминативе две години инсистирале, но не успеале, да најдат соодветен простор за одржување на перформансот за кој вели дека е идеално кога е во пешачка зона, но сепак блиску до булевар. По две години обидувања, годинава наишле на соработка од Универзална сала.
„Ова ќе биде последен настан што се организира во Универзална сала не само за годинава туку и пред реконструкцијата што се најавува в година. Универзална сала е духот на Скопје, многу генерации имале можност да следат настани овде, но од поинакво светло. Драго ми е што со ваков настан го заокружуваме работењето“, вели Манев-Божинов.
Тој се пожали дека „Фејсбук“ го забрани пренесувањето на настанот иако организаторите најавија дека ќе се пренесува во живо преку нивната страница на „Фејсбук“. Манев-Божинов објасни дека настанот се пренесувал во живо на „Јутјуб“, а особено внимавале и на изборот на песни да не подлежат на авторски права.
Некои од присутните, задоволни од танцот на девојките, прашуваа како може да им дадат по десет евра, на што Манев-Божинов одговори дека е невозможно.
„Ова е уметнички перформанс, култура. Не значи дека девојките на излог нудат сексуални услуги. Тие се сексуални работнички, но нивната улога е на скопјани да им се покажат, да се запознаат. Девојките на излогот се во улога на уметници“, објасни Манев-Божинов.
„Скопје ред лајт дистрикт“ е во организација на „Стар стар“ – прв колектив на сексуални работници на Балканот, и партнерите „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје и Коалицијата „Маргини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.