Македонија
Селмани се сомнева дека зад нападите на новинарите стои Груевски
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека е одговорен за нападот на новинарите што во вторникот се случи на протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“.
„Сакам да пратам порака дека било што да им се случи на новинарите од овој момент лично одговорен ќе го сметаме Никола Груевски и неговите пајташи. Зошто тој спречува нормален, мирен трансфер на власта во Македонија и за сите последици што ќе настанат ќе одат на негова адреса. Јас сум убеден дека еден ден правдата ќе го стигне и ќе одговара за ова малтретирање на целата македонска јавност“, изјави претседателот на ЗНМ.
Селмани потсети дека во време на владеењето на Груевски во затвор се однесоа двајца новинари, во негово време имало 40 напади врз новинари, се затвори најгледата телевизија, а се води кампања за дискредитација и линч на новинари.
„Го замолив министерот да прати писмо до сите припадници на полицијата, на протести да внимаваат на безбедноста на новинарите. Одговорноста не е само да ги санкционираат кривичните дела, туку и да превенираат да не дојде до напади на новинарите“, изјави Селмани по средбата.
Селмани, во среда имаше средба со министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кого го алармираше дека е загрозена безбедноста на новинарите и побара полицијата да ги заштити од насилници, бидејќи ако сега МВР и другите институции сериозно не реагираат може да има посериозни последици по животот на новинарите.
Во вторникот вечерта, нападнати беа двајца новинари на порталот „А1.0н“, кои беа повредени, а напаѓачите сѐ уште не се познати за полицијата, која како што рече министерот Нухиу, работи на откривање на сторителите и утврдување на нивниот мотив./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.