Македонија
Село Спанчево ја доби првата градинка со капацитет за 120 деца

Во селото Спанчево во општина Чешиново-Облешево денеска беше отворена првата детска градинка. Со отворањето на новиот објект „Штркче“, Јавната установа за деца – Детска градинка „Ѕвездички“ ќе располага со три објекти со вкупен капацитет за 120 деца.
„Секогаш сум неизмерно среќна кога отвораме нови градинки, особено кога тие се први градинки во руралните места како во Спанчево. Врвен приоритет на Владата е опфатот на децата што одат во градинка да го зголеми 50 отсто бидејќи вложувањето во раниот детски развој е вложување во луѓето кои се најголемиот капитал на државата. Со отворањето нови градинки го јакнеме вработувањето, особено на жените, бидејќи обезбедуваме грижа и воспитание на нивните деца во местата во кои живеат, а тие ќе може да се вклучат на пазарот на труд“, изјави Царовска.
Дополнителната заменик-министерка Шкријељ рече дека МТСП во градинката инвестирало речиси 5 милиони денари и продолжува со инвестициите бидејќи грижата за секое дете е врвен приоритет на оваа Влада.
„Градинките не се места само каде што се згрижуваат децата, туку и место каде што го спознаваат светот и се воспитуваат. Во контекст на ова за идната година од буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светската банка за изградба на градинки. Како Влада се грижиме и за кадарот што се грижи за нашите деца и само во последната година платите на воспитувачите се зголемени 21 отсто, што е најголемо покачување досега“, рече Шкријељ.
Градоначалникот Горанчо Крстев се заблагодари за огромната поддршка од Владата за инвестирањето во раниот детски развој бидејќи на овој начин се решава проблемот со згрижување на децата во општина Чешиново-Облешево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.