Македонија
Се бара притвор за Мијалков поради опасност од бегство
Обвинителката Ленче Ристовска побара ефективен притвор за осудениот Сашо Мијалков. Таа кажа дека тој може да избега и да има легален престој во Прага, каде има и имот. Според неа, куќниот притвор не е доволна мерка за обезбедување на присуство. До судот достави докази за тврдењата, тековни состојби од фирмите каде тој е управител. Ристовска побара мерка притвор и за Горан Грујевски и Никола Бошковски осудени на 15 години откако ќе бидат екстрадирани во Македонија. Ефективен притвор се бараше и за Тони Јакимовски.
„Во конкретниот случај сметаме дека мерката куќен притвор за Мијалков не е доволна за обезбедување на негово присуство, затоа бараме ефективен притвор. Во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои МВР нема технички можности/опрема за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на мерката притвор, што е еден од сегментите за куќен притвор. Од Обвинителството, потврдени се податоците дека Мијалков има регистрирана адреса и договор за престој во Прага и две возила на негово име, а особено, предлагам да се цени фактот дека тој е човек кој поседува приватни бизниси, исто како и неговите членови на семејството. Тоа значи дека тој може да живее во бегство сосема комотно”, рече Ристовска.
Осудениот Мијалков два дена беше недостапен за полицијата, која во неделата го бараше да му врачи решение за куќен притвор поради опасност од бегство издадено од Кривичниот суд. Мерката беше побарана од Обвинителството, откако обвинителката Вилма Русковска доби информации дека тој ќе се даде во бегство. По него беше распишана меѓународна потерница. Во вторникот, Мијалков сам се појави пред Обвинителството, објаснувајќи дека имал висока температура па се изолирал поради сомневање дека е заразен од коронавирус. Никој не објасни, каде се изолирал Мијалков. Обвинителката Русковска кажа дека не му верува на објаснувањето кое го даде и неговиот адвокат Петар Василев.
Адвокатот Шврговски смета дека Мијалков не може да добие затворски притвор, ниту Мијалков, ниту Тони Јакимовски. Според него, не се исполнети условите за одредување мерка притвор и предлогот да не биде прифатен.
„Тоа што државата не може да го обезбеди она што законот го бара, е е пропуст на Мијалков. Државата мора и треба да го обезбеди. Дали 24 часовен надзор со физичко обезбедување наместо видео надзор или алка, дали остава сомнеж дека Мијалков може да биде недостапен за правдата? Секако одговорот е дека не може. Од овие причини одбраната смета дека не е исполнет законскиот основ за определување на потешка мерка”, рече адвокатот Љупчо Шврговски.
Адвокатот Петар Василев рече дека предлогот за притвор на Горан Грујевски и Никола Бошковски е неоснован, а и непотребен бидејќи не може да биде спроведен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

