Македонија
Се менуваат старите со нови ЛЕД-светилки во Скопје

Град Скопје вчеравечер почна со инсталација на ЛЕД-светилки за улично осветление на улицата Франклин Рузвелт, на потегот од улицата Васил Ѓоргов до Зоолошката градина, на кој ќе бидат поставени 43 светилки. Поставувањето ЛЕД-светилки за улично осветление на градските сообраќајници е дел од проектот „Паметен град“ (Smart city), што го реализира „Македонски телеком“ со помош на најсовремена технологија, која е уникатна не само за земјата туку и за регионот.
Инсталацијата на ЛЕД-светилките продолжува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошката градина до мостот „Гоце Делчев“. На овој потег сега има 75 светилки насочени кон коловозот, натриумови, со моќност од 250 W, и тие ќе бидат заменети со ЛЕД-светилки од 136 W, а светилките што се насочени кон пешачката патека на овој потег се вкупно 28, со моќност од 150 W, и тие ќе бидат заменети со ЛЕД-светилки со моќност од 69 W.
Во наредните денови ЛЕД-осветлние ќе се поставува на булеварите Партизански одреди и Александар Македонски, и тоа по целата нивна должина.
Значајно е да се нагласи дека првите 53 ЛЕД-светилки се инсталирани на булеварот Никола Карев, кој е при крај со реконструкцијата.
Поставувањето ЛЕД-светилки за улично осветление на градските сообраќајници е во согласност со договорот склучен меѓу Град Скопје и групата понудувачи – „Македонски телеком“ АД Скопје, ВЕРСО – Загреб и „Винт“ – Скопје за набавка и имплементација на систем за паметно осветление и платформа за дигитален град.
Првичната придобивка од овој обемен проект ќе биде воведување паметно ЛЕД-осветление на градските сообраќајници, со кое ќе се модернизира осветлението и раководењето со него, а ќе се намалат и трошоците. Со проектот е предвидено да се постават околу 10.000 ЛЕД-светилки и да се дигитализира системот за осветление, при што со помош на паметните алатки тоа ќе свети или ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно во зависност од движењето на луѓето и затемнетоста на околината. Со овој проект Град Скопје очекува заштеда од 60 до 70 проценти во одржувањето на уличното осветление.
Овој проект, освен паметното осветление, опфаќа и други модули, кои го сочинуваат проектот „Смарт сити“ и кои се во тек на имплементација, како паметното трошење вода, паметен паркинг, поддршка на корисници, контакт-центар и квалитет на воздухот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.