Македонија
Се откажувам од ректорската плата, УКИМ тоне, стандардот под нивото – интервју со Атанас Кочов, кандидат за ректор
На УКИМ му се потребни драстични промени, сега и веднаш, потврдува во интервју за „Макфакс“ универзитетскиот професор, Атанас Кочов, кандидат за ректор на најстариот државен универзитет.
Многу е лошо, вели Кочов, секој ден да слушате дека рангирањето на УКИМ од ден на ден паѓа.
„На времето, кој и да беше министер, се плашеше да се доближи на Ректоратот, а сега имаме обратна ситуација. Се плаши ректорот, како и деканите, да оди во Министерството за образование за да побара одредени ставки од буџетот за да може да трошат одредени финансиски средства. Ние мора да го подигнеме својот глас и да побараме УКИМ да биде решен во Законот за високото образование еднаш и засекогаш“, дециден е Кочов.
Професорот на Машинскиот факултет потврдува дека и професорите и студентите творат во тешки услови. Како пример ги наведува лошите инфраструктурни услови на факултетите, а како што оцени, многу од нив ги немаат ниту основните материјали за функционирање и одвивање на наставата.
„Филолошкиот факултет навистина е под сите стандарди. Од многу страни тече, распаднати ѕидови. УКИМ не смее да дозволи, на пример, ФИНКИ да нема простории. Распределени се под кирија на разни факултети, а имаат 4.000 студенти. Од друга страна, групата македонски јазик да нема студенти, да не можеме да го негуваме нашиот јазик. Тоа е нешто што навистина не смееме да си го дозволиме“, додава Кочов во интервјуто.
Според него, никогаш не се случило платите на универзитетските професори да бидат на толку ниско ниво, а додава дека и на студентите мора да им се обезбедат човечки услови за творење.
Ќе се борам, вели Кочов, за европско образование, за европски тренд.
За сметка на тоа, подготвен е, доколку се избори за ректорската позиција, да се откаже и од приходите што му следуваат на ректорот и да остане само на платата од Машинскиот факултет.
Дали има корупција и непотизам на Универзитетот, за конкуренцијата и новите трендови што таа ги наметнува, дали првиот човек на Универзитетот знае да се одбрани од политички подметнувања, колку политиката меша прсти во високото образование и слично, во интервјуто за „Макфакс“ со кандидатот за ректор на УКИМ, универзитетскиот професор Атанас Кочов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот престана, ведра ноќ прогнозира УХМР
Локалните дождови од претпладнево престанаа, а до крајот на денот според прогнозата на Управата за хидрометеорологија времето ќе биде ведро со мала до умерена облачност. Метеоролозите за вечерва прогнозираат и слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Македонија
Боите што ги впиваме во велигденските јајца се израз на животот што победува, порача претседателката Сиљановска-Давкова
Во тишината на овој ден, боите што ги впиваме во велигденските јајца се израз на животот што победува и на надежта што се обновува, обајви на „Фејсбук“ претсдателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Чинот на вапцање е не само обичај, туку и момент на семејна блискост, сплотеност и духовна подготовка за најголемиот христијански празник. Со достоинство, смирение и љубов, го очекуваме Христовото воскресение!“, напиша претседателката, а под објавата стави фотографија како таа ги бојадисува велигденските јајца.
Македонија
(Видео) Со 5.000 денари Општината го награди победникот во потрагата по скриено велигденско јајце во Крива Паланка
Општина Крива Паланка ја почна реализацијата на велигденската програма, наменета за сите генерации, со посебен акцент за најмладите.

За нив денес на градскиот плоштад беше организирана велигденска забава со аниматори, пантомимичари, музика и многу забавни игри.
„Особен интерес предизвика потрагата по скриеното велигденско јајце, при што најуспешниот учесник беше награден со вредносен ваучер од 5.000 денари, додека за дел од останатите игри беа доделени симболични велигденски подароци, во духот на празничната радост“, велат од Општина Крива Паланка.

Потрагата по велигденско јајце се организира првпат а од Општината велат дека ќе прерасне во традиција.

Велигденската програма продолжува утре со манифестацијата „Велигденска традиција 2026“, која ќе се одржи во селото Градец.
Општина Крива Паланка јавно ги покани да дојдат сите кои сакаат да да бидат дел од празничните настани и нагласи дека вратите на Крива Паланка се отворени за сите кои сакаат да ја споделат радоста, традицијата и убавината на Велигден.
