Македонија
Укината дополнителната акциза, граѓаните ќе плаќаат два денара поевтин дизел

Владата соопшти дека ја укинува дополнителната акциза на дизел-горивото, со што граѓаните ќе плаќаат два денара пониска цена.
Целта, како што велат од Владата, е да се заштити стандардот на граѓаните преку утврдена варијабилна акциза, која зависи од цената на светската берза.
„Со измените што се направени во Законот за акцизите во април годинава, се осигуравме да нема висок раст на цените на горивата, така што ставивме варијабилна маргина, која е поврзана со цената за барел нафта на светската берза. Така, ако цената на нафтата на светската берза расте, оваа маргина ќе се намалува, што ќе влијае на крајната цена на горивата кај нас. Според законското решение, дополнителната акциза од три денари кај бензините е предвидена доколку цената на светската берза е под 390 долари за тон, ако е помеѓу 390 и 590 долари за тон, дополнителната акциза изнесува 2 денара и ако е над 590 долари за тон, тогаш дополнителната акциза е 0 денари, односно се укинува“, велат од Владата.
Од владината прес-служба додадоа дека за дизел-горивото и за екстра-лесното масло за домаќинство е предвидено дополнителна акциза од 3 денари ако цената на светската берза е под 400 долари. Дополнителна акциза од 2 денара е предвидена за дизелот кога на светската берза е меѓу 400 и 600 долари за тон и доколку цената на светската берза е над 600 долари, таа изнесува 0 денари.
Се наведува дека во согласност со законското решение создадени се услови за укинување на дополнителната акциза кај дизел-горивото за што Регулаторната комисија денеска ја донесе одлуката за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горивата за транспорт. Претходно беа исполнети условите за укинување на дополнителната акциза кај бензините.
„Сите мерки што Владата ги презема се во насока на заштита на здравјето на граѓаните, на поддршка на стопанството, како и ранливите категории граѓани, и се донесени во консултација со сите релевантни општествени фактори. Притоа особено се внимава во услови на пандемија, која го зафати светот, соодветно да одговориме за намалување на последиците. Во таа насока се и мерките донесени во шесте пакети антикризни мерки, а во таa насока е и намалувањето на ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата“, додаваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.