Македонија
(Видео) Силјановска: Ако ме изберат ќе ги укинам претседателските привилегии
Професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска – Давкова на денешната презентација на кандидатурата пред делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата во Струга, рече дека со партијата во неколку наврати им се споиле мислењата и патиштата – на пример за Законот за јазици, Договорот од Преспа и слично, поради што одлучила како независен кандидат да бара поддршка од партијата.
,,За мене доказ за реформски и демократски капацитет на една партија е што ја отвори портата за независен кандидат. А не како Заев што зборува за некакви наводни реформи”, рече таа.
Таа рече дека татко и бил партизан, го поминал Февруарскиот поход, делегат во Егејска Македонија и се борел за Македонија – а не за Северна Македонија. Таа се повика на писмото кое што по распаѓањето на Отоманската империја го испратил британски политичар и државен деец Вилијам Гледстон до нашите соседи во кое кажал дека ,,Македонија е на Македонците”.
,Ако тој го направил тоа уште тогаш, која е логиката ние сега да го немаме правото на самоопределување”, запраша Силјановска. ,,Сите нации настанале во 19 век, а нашата судбина била постојано да се бориме за самопределување, и конечно во 1945 година со АСНОМ стануваме држава. И тоа не е млада држава, туку има веќе 74 години”, рече Силјановска.
Таа се осврна и на прашањето околу можниот бојкот на изборите и повика сите да излезат на избори. ,,Мислам дека мојот глас ќе допре до секој, вистинско време е за избори. Има нешто посилно од партијата и привилегиите – тоа е Македонија, затоа да излеземе на избори. Затоа што СДСМ создаде хибриден режим, Македонија стана скандалозна држава. Тргна по патот на Макијавелизмот и Чезаре Борџија. Но, јас верувам во максимата на Кант дека можеме да се избориме за највисоката цел. Ако ги бојкотираме изборите, сегашниот претседател на Собрание ќе ја преземе функцијата на прв човек на државата, а во меѓувреме можат да донесат и закон со кој ќе се избере претседател во Собрание. Погубно ќе биде за една држава, една власт се да има во рацете”, рече Силјановска.
Таа рече дека кога ќе ја изберат за претседател, преку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира закон за укинување на претседателските привилегии. Исто така ќе бара да се намали бројот на министерствата.
,,Не може една сиромашна држава да има 28 министерства, а Швајцарија да има само седум”, рече таа и додаде : ,,Ќе се заложам политичарите да го живеат животот на граѓаните”.
Силјановска најави дека доколку биде избрана, ќе формира експертски тим по меѓународно-јавно право, за да се отвори повторно прашањето за името, кое што според неа, се уште не е затворено.
,,Чуму ни се меѓународното право и институциите како судот во Хаг, Судот за човекови права во Стразбур и слично, ако не побараме да се испочитува нашето право. Ние не го одбравме името, името не одбра нас. И не можеме да се држиме до заевизмот којшто стана ментална матрица – ,,кажувам, заборавам, негирам” – рече Силјановска.
Таа рече дека нема да го користи селективно правото на вето, ќе работи согласно Уставот и дека за сите работи што ќе ги прави, ќе ги образложува пред пратениците и пред граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

