Македонија
(Видео) Симовски: За пописот се шират лажни вести, бојкот би бил катастрофа за државата

За пописот се шират лажни вести што нанесуваат штета на процесот и не смее да се дозволи бојкот, смета Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика. Тој објасни дека причина за повлекувањето на предлог-законот за попис од собраниската комисија денес не се партиски несогласувања туку тоа што не бил обезбеден претставник од ЕУ од каде треба да има претставници бидејќи законот е со европско знаменце.
„Бојкот на пописот не смее да се случи. Тоа би било катастрофа не за нашата институција, не за пописот туку за државата“, рече директорот Симовски.
Тој очекува законот да биде усвоен до крајот на месецов или најдоцна до јули за да нема пролонгирање на подготовките за главниот попис. Дали евентуални предвремени парламентарни избори можат да го одложат пописот, Симовски вели дека ќе размислуваат ако се случат.
„Пописот е извесен, ќе биде од 1 април 2020 година. Подготовки за него, во смисла јавни дебати и расправи со целни групи, почнавме пред 1,5 година. Во ноември предлог-законот беше ставен на ЕНЕР, стоеше 40 дена и немавме никакви забелешки па затоа ме зачуди реакцијата од вчера. Се изнесоа многу лажни вести на кои не вреди да се навраќам оти носат штета на процесот“ , вели директорот Симовски.
Тој денес половина час трпеливо објаснуваше дека попис ќе има, дека ќе биде попишана дијаспората преку дигитална апликација, а доколку и тоа не го направат за нив, податоци ќе можат да дадат роднини од кои исто така ќе биде побаран матичен број со кој ќе се гарантира веродостојноста на податоците. Ќе бидат попишани сите резиденти кои живеат на територија на земјата повеќе од 12 месеци.
Директорот Симовски извести дека во тек се финалните подготовки за пробниот попис. В среда попишувачите ќе имаат обука, а веќе в петок ќе излезат на терен во вкупно 13 општини. Резултати од пробниот попис нема да се објавуваат оти тој е тест за техничката подготвеност на институцијата за главниот попис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.