Македонија
Синдикатот да не ја злоупотребува ситуацијата во државата, со изливи на агресија се докажува партиската позадина на дел од раководството, велат од Владата

Владата апелира до синдикатот да не ја злоупотребува ситуацијата во државата и да не се обидува да ја извитопери дебатата со нешто кое е еднакво важно како што велат за Владата, а тоа е состојбата на работниците.
„Со обиди за компарации на плати и популистички изливи на агресија само се докажува партиската позадина на дел од раководството на синдикатот. Кога прават компарација на плати, да ги потсетиме дека ние како влада бевме против кога платите на функционерите се зголемуваа, а синдикатот тогаш молчеше за своите партиски миленици од СДСМ и ДУИ. Како што молчеа со години додека СДСМ беше на власт, а државата ја уништуваа, ограбуваа и продаваа. Но тоа е зад нас“, порачуваат од Владата.
Како што истакнуваат, на овој проблем гледаат како на проблем на тешката и сложена социоекономска состојба во државата, а не на персоналните политички амбиции на дел од раководството на синдикатот.
„Нивото на дискусија да ги спуштиме сите платите – за нас не е проблем и да ги спуштиме платите, но на работниците тоа нема да им го реши проблемот. Притоа, да потсетиме дека ова е прва влада која донесе одлука за замрзнување на платите на функционерите. Истовремено, за премиер да има иста плата со претседател на синдикат, треба претседателот на синдикатот да победи на избори на првите наредни парламентарни избори, а пред тоа да има договор да се најде на листите на СДСМ.
Тогаш, ако го изгласа народот, ќе видиме дали така лесно ќе се откажува од платата. Штом е така подготвен коцкарски да се откаже од својата плата, лошо зборува за него и за блеферската природа на неговата личност. Впрочем, само човек што има многу пари со леснотија може да се откаже од пола плата“.
Апелираат да внимава, затоа што, според нив, прави очигледна Фројдова грешка со која покажува дека за него парите не се проблем, зашто преку ноќ, во излив на блеф и партиски мотив, кажува дека е подготвен да се откаже од своите примања.
Од Владата сметаат дека проблемот на работниците може да се реши системски и со вистински пристап.
Оценуваат дека сегашниот пристап на овие луѓе е погубен, и тие играат рулет со нешто кое за нив е обид за политичка кариера и злоупотреба, а според Владата како што нагласуваат тоа е прашање на живот, тоа е животот на работниците.
„Со сила и со ваква очигледна партиска мотивираност и со малициозен и неразумен пристап, ништо нема да постигнат. Зошто молчеа 7 години? Народот тоа го гледа. И прави разлика.
Ние се трудиме и ќе се трудиме да наоѓаме решение за работниците, затоа што тоа е проблем наталожен и на државата и на сите нас. Ние сочувствуваме со тешката состојба и со проблемите на нашиот народ, и од таа наша мисија нема да нè оттргнат партиски мотивирани самонаречени синдикалци кои тераат партиска агенда на партиите СДСМ и ДУИ, против кои збор не зуцнаа цели 7 години и соработуваа со нив, уживајќи во благодетите на синдикалниот живот“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.