Македонија
Сиљановска Давкова во Дихово: Руралните жени се хероини на кои треба да им се восхитуваме и да ги поддржуваме
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод Меѓународниот ден на руралната жена се обрати на трибината на тема „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“, што во организација на Националната федерација на фармери се одржа денеска во битолското село Дихово.
Во своето обраќање, претседателката заблагодарувајќи се на жените од руралните средини, посочи дека нивната улога не е само да придонесуваат во земјоделието, како една од најзначајните стопански гранки, туку далеку поширока. „Јас се гордеам со луѓето што живеат во руралните средини. Македонија била рурална држава. Храната била и ќе остане стратешка цел, покрај енергијата“, рече претседателката.
Истакнувајќи дека тие вложуваат енормен труд, без или со минимален надомест, претседателката ги потенцираше бројните проблеми и предизвици со кои се соочуваат жените: системската дискриминација, недостиг на инвестиции и донации во земјоделството, неплатена домашна работа и скратен дневен, неделен и годишен одмор, отсуство на здравствено осигурување за време на бременост, недостиг на социјална грижа заради непокриеност со детски установи, нецелосна и несоодветна здравствена заштита, недостиг на домови за стари лица, непоседување на имот, слабата инфраструктура, отсуство на редовен превоз, неинформираност, како и е несоодветната и неправична заработка.
Таа истакна дека не смееме да дозволиме руралните жени да бидат вештачки хендикепирани и фрустрирани и дека се потребни измени на Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување. Во таа насока таа порача и дека економските и социјалните политики мора да ги земат во предвид потребите на најранливите категории.
Потенцирајќи дека најпогодени се жените од сиромашните земји, таа порача дека суштинска е поддршката и охрабрувањето на женското претприемништво, менторството и лидерство, додавајќи дека успешните жени, како во политиката и економијата, така и во руралните средини треба да бидат инспирација.
„Не смееме да ги занемаруваме трудот, вештините, секојдневниот ангажман на оние што придонесуваат не само за благосостојбата на семејството, туку и на заедницата и на општеството. Со право велат дека животот на жените лидерки од руралните средини е 24 часовен ангажман, битка со земјата, љубов со земјата, со производството на храна и секојдневна битка и соживот со природата. За мене, жените од руралните средини се апсолутните лидерки, хероини на кои треба да им се восхитуваме, но не е доволно само да се восхитувате, туку треба да ги поддржуваме и да ги помагаме, индивидуално, институционално и на секаков начин. Поддршката на руралните жени е поддршка на македонското село, поддршка на запирање на процесот на иселувањето, поддршка на земјоделството, поддршка на македонската економија, но и поддршка на македонската иднина“, рече во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека покрај актуелните безбедносни и економски кризи, климатските промени може да имаат огромно влијание врз руралните средини, односно врз производството на храна, што уште повеќе ќе ја загрози кревката економска и егзистенцијална положба на руралната жена. Од тие причини, додаде претседателката, покрај глобалниот одговор мораме да дејствуваме локално. „Ако ни се заканува суша треба да размислуваме за штедење на водните ресурси, да инвестираме во брани и акумулации, да имплементираме современи системи за наводнување, да користиме исплатливи технологии. Во од треба да се прилагодуваме на состојбите, за да не се соочуваме со катастрофи“, рече претседателката во обраќањето.
Таа изрази задоволство од изборот на нашата земја за членка во Советот за човекови права, додавајќи дека женските права се човекови права, правата на руралните жени се човекови права, и дека можеме да ги решаваме не само локално, национално, регионално и европски, туку и на ниво на Обединетите Нации.
Целта на трибината е да се истакне важноста на улогата на жените од руралните средини за земјоделскиот и руралниот развој на нашата земја и можностите за нивно економско зајакнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции
Продуктивен состанок, ефикасна и надежна дискусија е впечатокот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски и на претставниците од Стопанска комора на Германија (OA-Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft) која се одржа во Берлин. На состанокот се промовираа инвестициските можности и капацитети во државата, а странски компании изразиле интерес за нови инвестиции во државата.
„Можам да кажам дека имавме многу отворен, искрен и продуктивен состанок со претставниците на германската Стопанска комора делот којшто е одговорен за Источна и Југоисточна Европа. Голем дел од компаниите коишто беа присутни на овој состанок се веќе присутни со свои производни погони кај нас. Имаше и такви компании коишто недвосмислено изразија желба да инвестираат кај нас и да бидат присутни на македонскиот пазар. Нормално, разменивме детали за понатамошен контакт и мислам дека многу скоро денеска ќе бидеме посетени, ќе ги отвориме преговорите за можно нивно инвестирање. Наша цел како Влада уште од самиот почеток беше подготвување на инвестициската клима и зголемување на инвестициската активност на компаниите не само домашните и странските исто така. Мислам дека во Германија ова е исклучителна голема можност, имајќи предвид дека нашата трговска размена надминува повеќе од пет милијарди евра. Илјадници наши граѓани работат во компаниите каде што се сопственици германски инвеститори и ние како Влада имаме и обврска но и одговорност да продолжиме со промоција на најголемата би рекол европска економска сила. Промоција на инвестициските можности и капацитети, денеска тоа го направивме во неколку области како што услугите, туризмот, енергетиката, производството итн. и мислам дека имавме исклучително позитивен состанок и мислам дека по овој состанок, да бидам попрецизен, сигурен сум ќе имаме уште неколку нови инвеститори во периодот којшто следи“, изјави премиерот Мицкоски.
Дел од претставниците на германската стопанска комора посочија дека очекуваат да ги зголемат нивните капацитети во нашата држава.
Македонија
Регистриран земјотрес во Македонија
Попладнево е регистриран земјотрес во Македонија со јачина 2,4 степени според Рихтер.
Епицентарот е на 13 км североисточно од Демир Капија.
ДЛабочината на земјотресот е 5 километри.
Македонија
Во ЗОО Скопје угина лавот Жика на 16-годишна возраст
Скопската Зоолошката градина соопшти дека починал лавот Жика на 16-годишна возраст.
Лавот изминатата година имал тумороидни израстоци по што во февруари му биле извршени хируршки интервенции но изминатите два дена неговата состојба се влошила.
– Лавовите во природа живеат од 10 до 14 години, а нашиот Жика имаше 16. Лавот Жика со оглед на длабоката старост, изминатата година почна да развива тумороидни израстоци на повеќе места на телото, за кои што во февруари со целосен тим на професори и ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина беа извршени хируршки интеревенции и истите беа отстранети, но изминатите два дена состојбата се влоши и веднаш беше реагирано од страна на тимот на ЗОО Скопје, заедно со тимот на ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина. Сите заедно направивме се што можевме, лавот примаше терапија, но за жал не издржа. Секогаш грациозен, со својата величенствена грива го привлекуваше вниманието на сите посетители. Го сакаа и децата и возрасните, а најмногу вработените. Ова е голема загуба за сите нас, стои во објавата на Фејсбук.
Жика беше дојден од Зоолошката градина во Белград.