Македонија
(Видео) Случајот „Еразмус“ се враќа на почеток, поротник оди на работа во Германија
Промена на судечкиот совет, односно заминување на поротник на работа во Германија го врати случајот „Еразмус“ на почеток. Заминувањето на поротникот ќе влијае врз процесот, посочи судијата Владимир Туфегџиќ и побара согласност од обвинетите на следното рочиште да бидат исчитани сите докази, а да не се изведуваат. „Еразмус“ требаше да има пресуда на почетокот од февруари, а сега на тој датум ќе почне од почеток.
„Еден од членовите на судиите поротници го извеси претседателот дека најдоцна за седум дена нема да биде во Македонија до јули 2020 година бидејќи има работна виза за Германија, каде што треба да почне да работи. Ваквата состојба советот смета дека влијае врз постапката од процесен карактер. Од тие причини советот ќе се обрати до претседателот на Кривичниот суд за определување нов судија поротник за да продолжи постапката бидејќи советот цени оти во рок од 7 дена, за кои е најавено заменувањето, нема услови за давање завршни зборови, а потоа на судечкиот совет му е потребно и доволно време за анализа на доказите. Рокот од 7 дена е прекраток за постапување имајќи го предвид предметот“, посочи судијата Владимир Туфегџиќ.
Тој побара од странките по скратена постапка да се исчитаат сите докази предложени од Обвинителството и обвинетите за да не се одолжува процесот.
„Поради овие причини, бараме странките и бранителите да кажат дали со промената на судечкиот совет постои согласност со читање да се изведат сите докази и во таа смисла тие треба да кажат одделно, посочи судијата Туфегџиќ.
Адвокатите на обвинетите се согласија со судијата Туфегџиќ на следното рочиште да се исчитаат сите докази за потоа веднаш да се дадат завршни зборови. Во меѓувреме, претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев ќе назначи нов поротник, кој ќе биде запознаен со предметот и доказите.
Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус“ гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор на менаџмент, Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија. Обвинети се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

