Македонија
Советот за безбедност ќе расправа за потребата од прогласување кризна или вонредна состојба

На барање на претседателот на државата Стево Пендаровски, во понеделник Советот за безбедност, проширен со министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата, ќе ја разгледуваат потребата за прогласување кризна или вонредна состојба поради коронавирусот. Претседателот Пендаровски смета дека се исполнети условите за прогласување кризна состојба на дел или на целата територија, но најави дека ќе ја разгледаат и можноста за прогласување вонредна состојба.
„Неколку години по ред имаме кризна состојба на јужната и северната граница. Кризна состојба се прогласува на предлог на Влада до 30 дена, а надвор од тоа Собранието може да продолжи. Ние неодамна ја продолживме таа кризна состојба на северната и на јужната граница во врска со мигрантската криза и потенцијалите таму нешто брзо да ескалира во негативна насока па да можеме да се справиме, меѓутоа можно е да се прогласи и кризна состојба во врска со епидемијата. Понатаму, постои можност за кризна состојба на цела територија поради вирусот бидејќи тоа е закана за националната безбедност. Неспорно е дека може да се прогласи и според Законот за управување со кризи. Третата варијанта, а морам да кажам дека сме многу далеку да донесеме таква одлука, е воведување вонредна состојба според членот 125 од Уставот, член кој никогаш не е активиран затоа што имало проценка дека тоа не е неопходно и која ако затреба точно ја покрива состојбата со заразни болести, односно загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем. На седницата на Советот за безбедност во понеделник ќе ги разговараме сите овие опции“, рече претседателот Пендаровски.
Негова лична оценка е дека, согласно денешната состојба, вонредна состојба не треба да биде воведена, но остави можност да се размислува и за таа опција во зависнот од новите информации. Пендаровски вели дека вонредна состојба во услови кога е распуштен парламентот прогласува преседателот на државата.
„Собранието во овој момент е распуштено, во ваков случај претседателот воведува вонредна состојба. И за генералната јавност да биде појасно и да нема мистификација, улогата на Армијата при евентуална вонредна состојба ќе биде слична на улогата на Армијата во она што го прави во кризните региони во делот на бегалците. Значи прилично лимитирана улога, и тука нема никаква опасност дека Армијата може да ја прошири својата дејност надвор од она што е најзина уставна улога“, рече претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.