Македонија
СОНК и Адеми се договорија, наставниците добија 10 проценти покачување на платите

СОНК и Министерството за образование се договорија од 1 јануари просветните работници да добијат покачување на платите од 10 отсто. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, рече дека на состанокот биле отворени и други прашања, како што се регрес за годишен одмор, трошоци за превоз до работните места и друго. Тој нагласи дека тука не запираат преговорите и за остварување на другите барања.
Министерот за образование, Арбер Адеми, рече дека е горд на постигнатиот договор и дека со него е вратен дигнитетот на наставничката професија.
„Одлучивме да ги покачиме платите за 10 отсто од 1 јануари 2020 година. Ова важи за сите вработени во основно, средно и високо образование. Со оваа одлука се враќа дигнитетот на наставничката професија. Јас сум горд. Интензивно се преговараше, се консултиравме и во следниот период ќе продолжиме со подобрување на статусот на сите вработени во образованието“, истакна Адеми по денешната средба.
СОНК вчера соопшти дека го става во мирување најавениот генерален штрајк, која требаше да почне в понеделник, додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Арсовска избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, е избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации во Женева, Швајцарија.
За потпретседатели на Арсовска се избрани градоначалниците Рикардо Рио од Брага, Португалија, и Сузан Aиткин, од Глазгов, Велика Британија.
„Годинава првпат како официјално тело во рамките на Обединетите нации, исклучителна чест претставува фактот што Арсовска беше избрана како претседател и ја доби довербата преку директно гласање на Форумот, на кој учествува по еден градоначалник од секоја држава од Пан-европскиот Регион, Северна Америка, Африка, Азија, Латинска Америка и од Блискиот Исток“, велат од Град Скопје.
Арсовска заедно со својот тим ќе учествува директно во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на Обединетите нации и преку усвојување декларации ќе учествуваат во креирање на меѓународните политики за локалните власти.
„По изборот на Скопје за европска престолнина на културата 2028, ова претставува уште еден огромен успех на меѓународна сцена за градот. Како на домашен така и на меѓународен план, Град Скопје продолжува да работи на остварување на заложбите и програмските определби за остварување на проектите што се дел од програмата ‘За модерно Скопје’“, додаваат од прес-службата на Градот.
Македонија
Грковска: Целиме кон уште повисоко ниво на транспарентност и одржлива свест за нејзината важност

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт-стратегијата за транспарентност 2023-2026, која се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.
„Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрира огромната важност на транспарентноста како принцип на доброто владеење во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството.
„Јакнењето на транспарентноста на сите нивоа во системот е еден од најважните предуслови за превенција на корупцијата и за подобрување на севкупната кондиција на институциите, кои со вградување и доследна примена на ова начело стануваат поодговорни, поотчетни и поефикасни во извршувањето на својата функција како сервис на граѓаните“, нагласи Грковска.
Таа се осврна на фактот дека во последните години транспарентноста на институциите е значително подобрена, а тоа се должи на определбата за воспоставување механизми, носење соодветна легислатива и развивање и спроведување политики. Тоа резултира со зајакнување на фискалната дисциплина преку отворање на трезорот, со што на јавноста ѝ се овозможи да има увид во трошоците, но и со отворање на институциите кон јавноста и овозможување полесен пристап до информации.
Нашата земја е една од ретките што подготвуваат стратешки документи од овој тип и понатамошните чекори се во насока да се одржи отвореноста, без да се ретерира од досега постигнатото, а институциите што назадуваат треба да го достигнат нивото на оние што имаат најголем напредок во поглед на транспарентноста. Според Ирена Бојаџиевска, експертка, која работеше на оваа стратегија, практиките на добро владеење и отворена власт треба да станат стандард во секојдневното работење.
Оваа стратегија се надоврзува на претходната стратегија за транспарентност и е насочена е кон остварување на визијата – Република Северна Македонија да биде држава со изградена институционална култура на транспарентност, држава во која владеат стандарди на добро управување во институциите на извршната власт, а со тоа и зголемена доверба на граѓаните.
Македонија
Предлог-законот за помилување доставен во владина процедура

Министерството за правда го достави Предлог Законот за помилување во владина процедура.
„Министерството за правда минатата година формираше работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од Претседателот на Република Северна Македонија и од научната фела. При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи“, велат од Министерството за правда.
Како што дополнуваат, причините за донесување на Законот за помилување, пред се, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања кои се предлага да бидат регулирани со новиот Закон.
„Постојниот Закон за помилување беше донесен во 1993 и истиот претрпе бројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд. Клучните новини содржани во Предлогот на законот се: Прашањето за правото на Претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението согласно кое Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Мошне значајни се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување каде се предвидени кратки рокови за секоја од иснтитуциите кои се вклучени во постапката за помилување. Притоа, тука се значајни и конретните одредби за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени“, истакнуваат од Министерството за правда.