Македонија
Сопственикот на „ДоказМ“ не се чувствува виновен, адвокатот барал наместо притвор да му се забрани пристап до порталот
Сопственикот на „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, пред судијата Пајазит Пајазити во Кривичниот суд, каде му е одредена мерката притвор, негирал вина за четирите кривични дела меѓу кои е и уцена, дознава „Макфакс“. Тој кажал дека ќе ја докаже невиноста, дека нема забелешки за полицијата која му правеше претрес во домот, не му се заканувале ниту го присилиле да направи нешто.
Неофицијално, судот прифатил дека тој може да избега, како што кажал обвинителот, бидејќи порталот може да го раководи од различни локации, не живее на пријавената адреса, а пријавата е за повеќе кривични дела.
Адвокатот на Стаменковски, исто така го убедувал судијата Пајазити дека мерката притвор е престрога. Сметал дека ако на Стаменковски му се забрани пристап до социјални мрежи и работа на порталот – тој тоа ќе го почитува и мерката ќе даде резултат. Се повикал и на здравствената состојба на осомничениот, кој кога ќе се вознемирел, имал покачување на притисокот.
Сепак, за судијата ова не било уверливо и решил да одреди осум дневен притвор.
Според извори на „Макфакс“ при одредување на мерката притвор, судијата Пајазити, посочил дека ако Стаменковски биде пуштен на слобода може да ги повтори делата. Сметал дека има и познанства со различен профил на лица. Според судијата, поблага мерка немало да даде резултат.
Претходно, јавен обвинител побара притвор за Стаменковски. На товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет-портал преку кој, како што информираа од Обвинителството, искористувајќи познанства и релации со разни профили на лица, преземал противправни дејства во континуитет.
Се додава дека Стаменковски се служел со сопствениот интернет-портал знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледлива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

