Македонија
Состанок за новата рамка за одржлив развој меѓу Обединетите нации и Македонија
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, заедно со резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџиакго, го одржаа првиот заеднички управен комитет за спроведување на новата рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации и националните институции за 2021 година.
На воведното обраќање министерот Османи ги истакна модалитетите за најсоодветно искористување на поддршката што Република Северна Македонија ја добива од системот на ОН, а во насока на реализирање на развојните приоритети.
„Тоа што сакаме да го постигнеме е промена што е одржлива, видлива за крајните корисници – нашите граѓани, што ќе резултира во подобра правна рамка и поефикасни и одговорни институции”, истакна Османи.
На првиот состанок на Комитетот за 2021 година беа разгледани националните приоритети во доменот на одржливиот развој, при што беа одобрени клучните документи за спроведување на рамката за соработка со OОН за 2021-2025 година.
Инаку, рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации со Северна Македонија за периодот 2021-2025 е стратешка програмска рамка за активностите на ООН во нашата земја и претставува збир на активности на агенциите на системот на ООН за поддршка на земјата во адресирање на приоритетите и предизвиците кон постигнување на целите за одржлив развој.
Во својство на членови на Комитетот, на состанокот активно учествуваа и министерот за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за образование и наука Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.