Македонија
(Видео) Спасовски: Ако гласачите ги почитуваат мерките, нема ризик да се заразат

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, на првиот ден од почнувањето на изборната кампања ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на 15 јули, без да се плашат дека ќе се заразат со коронавирусот. Според него, а повикувајќи се на епидемиолозите, доколку гласачите ги почитуваат мерките за заштита, носат маски и држат дистанца, нема да имаат ризик да се заразат од вирусот. Спасовски посочи дека непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот за време на кампањата ќе биде казнето прво од граѓаните, додека, пак, злоупотребата на државен ресурс за партиски цели ќе биде најстрого казнета.
„Денеска почнува изборната кампања за изборите кои ќе се одржат на 15 јули. Овие избори ќе бидат запаметени затоа што ќе се одржат во услови на пандемија каква во светот не се памети во поновата историја. Да си посакаме овие избори да ги паметиме и поради успешно спроведување во вакви услови. Да запишеме дека се спроведени во фер и демократска атмосфера. Нашата држава се наоѓа во значаен период, кога се очекува непречено функционирање на сите институции во државната власт. Изборите се решение за да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза. Потребно ни е ново активно собрание и целосна, функционална и политичка влада за менаџирање на економската и здравствената криза. Институциите покажаа капацитет за справување со коронавирусот, но следната фаза мора да биде спроведување изборен процес со максимална заштита на сите во него“, рече Спасовски.
Тој очекува професионална соработка меѓу Владата, Државната изборна комисија, набљудувачите, Државната комисија за спречување корупција, Собранието.
„Во тек се сите активности за да се обезбедат услови согласно протоколите за безбедна кампања за потребните неопходни услови за работа на ДИК, на сите избирачки одбори, на целиот систем за мониторинг на изборниот процес. Правото на граѓаните да го искористат својот глас нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите кои потенцираат дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик доколку ги почитуваат мерките. На гласачките места се задржуваме од 3-5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или пазар. Значајно е дека треба да ги носиме маските и да одржуваме дистанца. Да си го оствариме граѓанското право, но и обврската да создадеме функционални институции, затоа што во Северна Македонија граѓаните одлучуваат каков ќе биде системот. За првпат организираме избори како земја членка на НАТО и како земја која е кандидат којашто е во последната фаза за членство во ЕУ за која се подготвува преговарачка рамка. Тоа е уште една мотивација за посебен ангажман за спроведување на изборите по сите европски стандарди“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.