Македонија
Спасовски и Агелер: Борбата против корупцијата останува наш заеднички приоритет

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, оствари работна посета на граничниот премин Богородица, при што се сретнаа со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ и беа брифирани за постигнатите резултати на овој граничен премин. Спасовски и Агелер во оваа пригода ги посетија и вработените полициски службеници на овој премин донирајќи вредна поддршка од Амбасадата на САД, т.н. боди-камери за потребите на гранична полиција.
„Со донацијата на нови т.н. боди-камери за полициските службеници, наменети за документирање на полициското постапување во остварувањето на работните задачи и обврски, како и на двете специјализирани возила за откривање радиоактивен материјал или радиолошка заштита, едното за Регионалниот центар ‘Југ“, а другото за ‘Север’, дополнително ќе се зголемат квалитетот и ефикасноста на работењето во сите сегменти од полициското дејствување. Морам да кажам дека во досегашното работење употребата на боди-камерите се покажа како исклучителна алатка во борбата против корупцијата.
Само во рамките на оваа област во првите шест месеци годинава откриени се 49 кривични дела и овие кривични дела бележат намалување од 22 % во споредба со истиот период лани“, рече министерот Спасовски. Притоа тој сподели статистички податоци за резултатите на работата на РЦ „Југ“: „Имаме драстично намалување на илегалната миграција во рамките на овие осум месеци годинава во споредба истиот период лани за речиси 80 проценти, евидентирано е зголемување на откривачката функција во делот на шверцување стоки и недозволена трговија приближно 50 проценти, компаративно со истиот период лани, а истовремено граничната полиција продолжува успешно да ја извршува својата контролна улога независно што годинава се бележи рапиден пораст на протокот на патници во споредба со ланската година или со 2021“, информира министерот Спасовски.
Амбасадорката на САД, Агелер, ги изрази гордоста и задоволството од исклучителната соработка меѓу САД и Република Северна Македонија за позитивните и видливи резултати од таа соработка за што упати благодарност до министерот Спасовски. Таа потенцира дека изминативе неколку години, од 2016 година наваму, вложени се речиси 4 милиони долари како поддршка на граничната безбедност, а меѓу нив е и опремата од т.н. боди-камери, кои се алатка во борбата против корупцијата. Притоа амбасадорката Агелер, честитајќи му на министерот Спасовски за одличната работа на македонската полиција, потенцира дека Амбасадата на САД е силен партнер на МВР, а соработката ќе продолжи и во иднина бидејќи таа е критична за просперитетот на земјата.
Денешната работна посета министерот Спасовски и амбасадорката на САД, Агелер, ја искористија и да направат увид во поставено возило со термални камери на Вршник Баре, како и обиколка и презентација на Транзитниот центар „Винојуг“.
Во изјава за медиумите министерот Спасовски потенцира дека со заедничката посета имаат цел да се увиди на терен како дејствува македонската полиција, со поддршката од Амбасадата на САД преку вредна донација во техничка опрема за потребите на граничната полиција, а во насока на зајакнување на заедничката борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.