Македонија
Спасовски: Полициски час за целата држава од 16 до 5 часот следниот ден

Влегуваме во фаза во која ги очекуваме најголемите предизвици од коронавирусот, и тоа и за економијата, и за одржливоста на социјалниот контекст и за здравствениот систем, рече премиерот Оливер Спасовски најавувајќи ги новите ограничувања за движење и новите мерки на Владата.
„Критичната фаза мора да ја намалиме со најмали можни штети. Оваа битка ќе трае. Од секој еден од нас зависи колку долго и со колкав интензитет ќе војуваме со коронавирусот. Ние го немаме поминато најлошото“, рече тој.
Спасовски рече дека се очекува во наредниве 2-3 недели да се достигне пикот и се очекуваат од 2.000 до 2.500 заболени.
„Подобро е да се подготвуваме за повеќе, а да бидат помалку отколку обратно. Заканата е страшна, радикална и затоа однесувањето мора да биде радикално“, рече тој.
Тој рече дека секој граѓанин би сакал да знае кога сето ова ќе заврши, но на ова прашање, рече тој, ниту светот ниту надлежните власти немаат одговор.
Спасовски рече дека годинава велигденските и рамазанските празници ќе мора да се поминат дома.
„Оваа година верниците своите молитви ќе ги упатат од дома“, вели Спасовски.
Активни се повеќе од 1.000 кревети доколку дојде потреба за хоспитализирање.
„Но, ајде да не дозволиме да не ги полниме креветите во болниците“, рече премиерот.
Спасовски уште еднаш ги повтори новите мерки што стапуваат во сила од среда од 16 часот:
Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 до 5 часот наредниот ден.
Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16 часот до 5 часот во понеделник.
Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамките на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗУ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните што вршат достава на производи, при шти тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.