Македонија
Спасовски: Слушаме како носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ местеле сообраќајки
Денеска слушаме како се договарале да се преврти трактор меѓу Дебарца и Охрид, како се договарала сообраќајка кај Кичево – тоа се актуелни носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ! Кошмарот од којшто излеговме пред три години демне шанса да се врати, ете нови потврди за опасноста за којашто зборуваме, изјави Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ и носител во ИЕ 2.
„ Христијан Мицкоски ги постави на листи Александар Николовски, Антонио Милошоски, Владо Мисајловски – кој од кој поистурена рака на криминалецот Груевски. Се движиме по прав сигурен пат и со оваа изјава апелирам да излеземе на гласање, да ја отфрлиме опасноста и да избереме сигурност.
Да, ова се едни од најспецифичните избори пред коишто сме исправени, поради условите во коишто функционираме. Со задршка одиме во продавница, со задршка одиме во банка, во пошта, дури и на работа. Но одиме. Затоа што е во прашање нашата егзистенција. И излегувањето на изборите е една таква потреба. Затоа што се во прашање животот, здравјето, егзистенцијата – наши, на нашите деца, на фамилијата дома и иднината на државата.
За да продолжиме да живееме сигурно, во сигурна држава ние едноставно мора да излеземе на гласање и да гласаме за СДСМ и коалицијата ‘Можеме’. СДСМ носи сигурност и ова не е предизборен слоган, туку факт. Покажавме дека можеме да се справиме со здравствено-економската криза. Вработивме над 700 лекари и над 1.000 медицински сестри, обновивме 30 болници и ургентни центри -за само три години. Со тоа спречивме здравствен крах. Замислете да останеа руините во здравството од режимската власт. Луѓе ќе ни умираа по ходници. Тие и денес не ставаат потпис за пари од Светската банка што треба да се вложат во здравството. Светска банка гарантира – тие велат не. А се дел од Владата. На овие ли луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ќе го доверите здравјето?!
Даваме домашни платежни картички, бескаматни кредити, ги помогнавме бизнисите – спречивме и економски крах. Тоа беше можно затоа што работевме домаќински претходните две и пол години. Покачивме плати, пензии, социјална помош, вративме милиони евра пари кај граѓаните, насочивме пари кон поддршка на бизнисите. И сето тоа – додека ја стабилизиравме државата на меѓуетнички план дома, со концептот едно општество за сите и на меѓународен план во регионот и светот, со помирувањето со соседите, членството во НАТО и отворените перспективи во ЕУ.
Од ВМРО-ДПМНЕ на се сè противеа. За нив сè што не е тендер со провизии во лични џебови не е добро. И најважно, денес се живее во слобода – никој не планира семејства во ендек, не тегне за уши, не гаси лифтови на баби и дедовци, не удира боксови во лице на жени, не прави монструозни планови за намерни сообраќајки, не става пломби на бизниси, не се заканува и не уценува млади луѓе со партиска книшка за вработувања. Денес има грижа за сите.
Многу сработивме. Може и повеќе и подобро. Но тоа е можно во осигурана држава, со затворени билатерални прашања, со осигуран идентитет, со осигурано членство во НАТО и перспективи во ЕУ, со развојна економија. Почнавме и треба да продолжиме по правиот пат. Гласот за СДСМ на овие избори е глас за безбедносна сигурност, за економска сигурност, за егзистенцијална сигурност, за политичка сигурност. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за дестабилизација, хаос и опасност, по сите основи.
Сите протоколи за заштита на здравјето на гласачите се донесени и гласањето е безбедно, ве уверувам. Знам дека ќе постапиме одговорно. Ќе излеземе на гласање. Ќе избереме број 3. Коалиција ‘Можеме’. За сигурност“, порача Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

